Александре Пато ги брои последните денови во дресот на Милан откако беше обелоденето дека бразилскиот интернационалец се чувствува несреќен на „Сан Сиро“ и сака што поскоро да си замине од клубот.
Во текот на неделава дојде до состанок меѓу неговите агенти и управата на клубот, при што било побарано Пато да има далеку поголема минутажа. Сепак, Адријано Галијани застанал на страната на тренерот Алегри и и неговиот став дека Бразилецот добил доволно шанси за да ги покаже своите квалитети, што за жал на сите во клубот не ги искористил најдобро.
По ваквиот развој на настаните станува јасно дека Пато и во следниот период ќе ја грее клупата за резерви на „Росонерите“, па нормално е што овој талентиран голгетер сѐ посериозно размислува и за заминување од „Сан Сиро“.
Голем проблем претставуваат неговите чести повреди, поради кои што цената на Бразилецот падна од 35 милиони на околу 20 милиони евра. Сепак, мал е бројот на клубови што би платиле и олкава сума за Пато, со оглед на неговите чести повреди во последните две-три сезони, што целосно го стопираа неговиот развој во врвен фудбалер.
Како можна опција се споменува позајмица во некој бразилски клуб до крајот на сезонава, но тоа е опција што не им одговара на „Росонерите“, коишто сигурно ќе се обидат да го продадат Пато, а потоа парите да ги искористат за ангажман на нов фудбалер.
Останува да се види како ќе се одвиваат работите на почетокот од преодниот рок, но тешко е да се поверува дека ќе дојде до пресврт во целата ситуација, особено во ситуација кога Ел Шарави веќе се промовираше во нов лидер на нападот на „Црвено-црните“ од Милано.