Патниците во јапонското метро

Фотографот Мајкл Волф прави пеколот на сообраќајниот шпиц да трае уште подолго. Неговата хит фото-книга насловена Tokyo Compression ги документира утрата во преполните вагони на токиското метро во текот на работната недела, каде човечките тела, нивниот здив, и нивната пот, оставаат капки од кондензација на стаклото на прозорите.

Ако не ви е познато за што всушност зборуваме, ѕирнете овде.

Вакво дело се чини може да настане само во Токио – метропола позната по многу луѓе, а малку простор. Но всушност, чувството му е познато на секој што се возел во неподносливо преполн македонски воз или автобус.

Разликата е што во Токио и Јапонија има специфичен код на однесување што го нема на друго место на планетава – „Јапонците живеат како сардини“, како што вели авторот на фото-серијава, а сепак го прифаќаат тоа со извонредна помиреност, барем така изгледа.

А преполното метро, воз, автобус – тоа е еден паралелен свет во кој важат правила на однесување што не важат никаде на друго место на планетата, истакнува Волф; Само тогаш е нормално да те допре или да допреш тотално непознат човек, случајно или во разминување, а и двајцата да се преправате дека ништо не сте забележале. Таму, интимноста е можна само преку изолација.

А многу од патниците во токиското метро ја бараат таа изолација залепени за прозорското стакло. Од другата страна на стаклото е Волф, за да ги овековечи тие напатени лица. Да, тие луѓе порано или подоцна ќе избегаат, ама 24 часа подоцна, циклусот неизбежно ќе продолжи да се одвива. Само што сега Волф нема да биде таму за да фотографира.

- Реклама -