Паркур се може и дебел

Себастиен Чарон не изгледа како „регуларните“ паркур ентузијасти. Наместо да е тенок и мускулест, Себастиен рока пивски стомак, вишок маснотии и тежина, и проќелаво теме. Ама кога ќе видиш што сé прави, доаѓа она преисклишираното „не суди книга по корицата“ и те мава по глава со книгата додека не ти дојде да му се извиниш на Себастијан што си го потценил. На интернет го викаат „вистинскиот Кунг Фу Панда“ и за куп обични момци тој е идеалниот доказ дека сé е можно.

Почнал со паркур пред една декада и му одело супер, но потоа му дијагностицирале шизофренија. Заради споредните ефекти од терапијата со лекови, морал да се откаже од тоа што најмногу сакал да го прави. Во меѓувреме накачил многу килограми за многу кратко време, но ете го, од скоро пак вежба, и покрај тоа што сега истите вежби му се потешки од било кога.

„Ова е толку импресивно… неговото познавање на техниката мора да е поголемо од тоа на останатите, инаку тој не би можел вака да придвижи толку голема маса“, коментираат на интернет. „Се чувствувам инспириран, и воедно засрамен што не можам да направам ни пола од тоа што може тој“.

А Себастиен може, тера, и ќе тера. Тоа му е и мотото – без откажување. Вели дека паркурот го води напред, го чувствува прогресот, и дека со секој нов чекор му е сé подобро. Затоа тренира сé понапорно и понапорно, и без изговори.

 

- Реклама -