„Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“, рече Боки 13 по изрекувањето на пресудата

„Професионалноста, меѓународните конвенции и Законот за кривична постапка ме обврзуваат да го кажувам ова, инаку го знам вашиот став; Барам да се укине притворот, иако знам дека нема да биде прифатено“, рече адвокатот на Бојан Јовановски – Сашко Дуковски, при произнесувањето за побараното продолжување на притворот за Боки 13, откако на денешното последно рочиште беа прочитани пресудите за случајот „Рекет“, реагирајќи што неговиот клиент веќе 11 е во притвор.

По Дуковски, побара да се произнесе и самиот Бојан Јовановски.

„Ќе зборувам погласно да ме слушнете и вие и јавноста, поради тоа што вие при изрекувањето на оваа пресуда ѝ се обративте на јавноста потенцирајќи го начелото на тренспарентност. Јас овој ден ќе го прогласам како ден на политичката кампања во Македонија. Донесовте политичка пресуда“, ѝ се обрати Боки на судијката Васка Николовска-Масевска, по што таа го прекина и го предупреди дека не треба да зборува за пресудата, туку за притворот.

„Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, не кај Бојан Јовановски!“, сепак продолжи Јовановски надгласувајќи ја судијката, по што таа побара од полицискиот службеник да го изнесе од салата, освен ако зборува за притворот:

„Ако зборувате за притворот – добро, може да останете, а ако планирате да зборувате по однос на одлуките, тоа може да го направите во жалбата“, му рече Масевска на Боки, по што следуваше мала размена на досетки:

„Тоа знам, ме учите цело време“, рече Боки. „Е па никако да научите“, му врати судијката.

„Сметам дека притворот којшто ми беше определен беше тенденциозен. Сите овие месеци беше покажано и докажано, и од ваша страна, дека се работи не за обелување на правосудниот систем, туку преку мојот притвор се покажаа сплеткани црева“, продолжи Јовановски, за потворно да биде предупреден од судијката дека треба да зборува исклучиво за причините поради кои смета дека притворот треба да биде укинат.

„Нема да се дадам во бегство. Едвај го чекам 1 јули, едвај чекам да дозволите да отидам во Јавното обвинителство овие денови, да ги пријавам сите кривични дела, за сите вистински сторители на кривични дела во оваа земја. Знам дека ќе ми го продолжите притворот, поради тоа што така ви е наредено“, заврши Јовановски.

- Реклама -