Пановски до Заев и Филипче: Не ги малтретирајте прележаните, вaкцинитe се за здравје а не за „аусвајс“

Фото: ФОКУС

„Не ги малтретирајте прележаните, дајте им 12 месеци рок да се вакцинираат, дајте им сертификат“, апелира до властите микробиологот проф. д-р Никола Пановски преку Фејсбук, цитирајќи дел од својата колумна „Аусвајс вакцини“ за хрватскиот портал „Окружење“.

„До сега, за 18 месеци од почетокот на пандемијата, починале 5 лица претходно прележани, а за 6 месеци од вакциналната кампања кај нас починале скоро 200 комплетно вакцинирани“, аргументира Пановски. Од премиерот и министерот за здравство, тој бара разумно да се користат вакцините, но и извинување за граѓаните.

„Министре Филипче и премиеру Заев, уште ли верувате дека вакцината штити подобро од природното прележување? Извинете се и сменете ги ‘врвните експерти’ кои ве убедија во таа глупост. Користете ги вакцините разумно за здравје, за имунитет, не ги потценувајте вакцините, тие не заслужуваат да се вбризгаат со исклучива цел за добивање аусвајс“, порачува Пановски, споделувајќи ја својата колумна во која, како што вели, зборува за маките на нашите граѓани кои се со најсолиден имунитет против ковид.

- Реклама -