Во интервју за Македонски Спорт, капитенот Горан Пандев отворено проговори за случувањата во репрезентацијата и најави повлекување од националниот тим.
Македонската фудбалска репрезентација го достигна дното, загубивме срамно од Србија и завршивме на последното место во групата, подолу нема.
Фудбалот во нашата земја функционира на очајно ниво, доказ за тоа е фактот што македонските клубови веќе не можат да ги поминат ниту првите квалификациски кола од европските натпреварувања.
Аматеризам, лични интереси, лоша атмосфера, очајна организација, катастрофален фудбал се карактеристиките на македонската репрезентација.
Горан Пандев не може повеќе да ја трпи ваквата состојба во националниот тим, во интервју за Македонски Спорт, капитенот јавно проговори за случувањата во репрезентацијата и најави повлекување.
„Не можам повеќе да молчам и да гледам како тонеме. Ова што се случува со репрезентацијата е една голема срамота” – изјави Пандев за Македонски Спорт.
„Како капитен имам обврска да ја преземам комплетната одговорност за очајниот пласман во квалификациите. Нема да барам никакво алиби. Јас. Горан Пандев сум главниот виновник поради тоа што репрезентацијата не оди на СП во Бразил и е последна во групата. Како резултат на сето ова се повлекувам од понатамошните настапи во дресот со државниот грб”.
„Слободно за сите проблеми, не само во репрезентацијата туку и во комплетниот фудбал во Македонија, може да ме обвините мене и само мене. Може да ме пцуете, навредувате, критикувате… За се сте во право само ако тоа ве прави среќни и само ако јас сум виновникот за очајните резултати. Одлучив гласно да коментирам затоа што јавноста треба да знае за случувањата околу националниот тим”.
„Доста беше. Уморен сум од овие случувања. Многу жртвував сите овие години. Од клупската кариера па се до семејството. Секое играње скапо ме чини. Треба да мислам на иднината. Кога ќе почне новиот циклус ќе имам 31 година. Доволно беа овие 13 сезони во репрезентацијата. Ете јас сум бил проблем и го прифаќам тоа”.
„Ме напаѓаат дека пет години не сум дал гол во квалификациите. Ете и за тоа сносам одговорност. Јас секогаш го давав максимумот и самите вие, новинарите сте сведоци колку пати повреден сум се враќал во клубот и сум имал паузи и проблеми”.
„За мојата репрезентација сум играл од срце, без никаков интерес. Но никој не го цени тоа кога нема резултати. Од играњето во националниот тим добивав само свирежи, критики и навреди”.
„Толку можев и ќе бидам најсреќниот доколку со моето неиграње се решат сите проблеми. Ќе бидам најсреќниот ако направиме силен тим и ако избориме место на некое големо натпреварување. Но со ваков начин на работа ни следи само пропаст. Не може со импровизации…”.
Во интервјуто Пандев ја истакнува и очајната организација околу репрезентацијата, менаџерските интереси на одредени луѓе кои влијаат во креирање на тимот, разочаран е од работата на директорот на селекцијата Петар Милошевски и дава свои видувања за тоа како треба да се движи македонскиот фудбал понатаму.
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал