Европа е на пат да го добие првиот документ што правно ќе го регулира животот во свет со роботи, односно нивниот правен статус и одговорност пред законот. Тоа би можело да се случи многу наскоро.
Одборот за правни прашања на Европскиот парламент веќе го усвои нацртот на оваа резолуција, на 12 јануари, а во февруари се очекува гласање на сите пратеници во Парламентот. Документот изобилува со провокативни детали, а најмногу внимание привлекува фактот што, ако биде усвоен, некои видови роботи ќе добијат статус на електронска личност.
Ова наиде на претежно бурни реакции, но треба да се има во предвид дека таквиот израз не го изедначува роботот со човекот признавајќи го постоењето на неговата личност, туку повеќе се работи за статус од типот на „правно лице“. Како што законот ги препознава фирмите и организациите како „лица“ кои можат да тужат и да бидат тужени, така во иднина може да се случи пред судот да се појави „електронско лице“, а притоа да биде оставена настрана целата дебата дали тоа „електронско лице“ е вистинска личност.
Одговорност на машините
Авторка на нацртот е Меди Делво – европратеничка од Луксембург. Во интервјуто објавено на сајтот на Парламентот, таа вели дека напредокот во роботиката и развојот на вештачката интелигенција ги надминува постоечките правни рамки, па неопходно е да се изградат нови, кои меѓу останатото ќе се фокусираат и на одговороноста на машините, но и на правилата на нивното производство и употреба, како и на некои социјални прашања.
Поентата на документот не е само решавање на правните проблеми кои произлегуваат од моменталната состојба во роботиката. Од истиот се очекува да биде делотворен во следните неколку децении – период за кој се претпоставува дека ќе доведе до поголем развој на вештачката интелигенција. Така, голем дел од нацртот се однесува на можноста дека еден ден роботите со способност за учење ќе ја надминат човечката интелектуална способност. Чија ќе биде тогаш одговорноста за нивните постапки? Тоа е едно од клучните прашања, а освен безбедноста, приватноста, достоинството и автономијата, документот ги разгледува и прашањата околу стандардизацијата, интелектуалната сопственост и поседувањето на податоци.
Во нацртот на документот се предлага основање на европска агенција за роботика и вештачка интелигенција, која би требало да обезбеди техничка, етичка и правна експертиза во проблематичните ситуации. Сé на сé, овој пат пред Европскиот парламент се наоѓа документ кој не само што потсетува на научна фантастика, туку и навистина во воведот ги разгледува „правилата“ осмислени од самиот Исак Асимов во неговите приказни.
За сега, тие правила се насочени на тие кои ги дизајнираат и користат роботите, а наложуваат дека: 1) роботот никогаш не смее да повреди човечко суштество, ниту пак со неделување да дозволи да биде повредено човечко суштество, 2) дека роботот мора да ги слуша наредбите кои му ги дал човекот, под услов да не се спротивни на првиот закон, и 3) дека роботот мора да ја штити својата егзистенција, повторно под услов тоа да не е во контраст на првиот и вториот закон.
Електронска личност
Сé додека човекот, било да е произведувач или корисник, може да го предвиди однесувањето на роботот, одговорен е за неговите постапки. Меѓутоа, како што расте автономијата на роботите, така човекот станува сé помалку одговорен. Затоа документот се обидува на „најпаметните“ меѓу роботите да им додели статус на електронска личност, која ќе сноси барем дел од одговорноста и обврските. Одговорноста, притоа, треба да биде сразмерна на инструкциите кои роботот ги добил, паралелно со неговата способност за самостојно учење.
Некои од предлозите за решавање на случаите во кои не е лесно да се утврди кој е одговорен, се обидуваат да направат паралела со случаите на наплата на осигурување за штета направена од автомобил. Производителите на автономните роботи би морале да понудат некаков вид гаранција, но во одредени случаи и корисникот би ги покривал трошоците за осигурување за штетата што ја нанел неговиот робот.
Во документот се предлагаат и низа кодекси кои би требало да бидат почитувани од инженерите, дизајнерите, етичките комитети, како и самите корисници на роботи. На пример, корисникот на машината има право да очекува роботот да изврши било каква задача за која експлицитно е дизајниран, но не смее да го модификува на начин што ќе му овозможи да го користи како оружје. Едно од правилата кои европските (не и нивните колеги од другите континенти, засега) дизајнери ќе мораат да ги почитуваат, ако предлогот биде усвоен, е дека роботот никако не смее да личи на вистински човек, за да не дојде до забуни меѓу луѓето со кои е во интеракција.
Развојот на роботиката доведе и до нови гледишта околу социјалното осигурување. Во предвид се зема стравот кој постои во општеството – од тоа дека идните роботи сé почесто ќе ги заменуваат луѓето на работните места, и дека овие или оние професии се најзагрозени. Во таков случај, една од последиците на намалувањето на бројот на работници би било и опаѓање на средствата во фондовите за социјално осигурување.
Новите регулативи на Европскиот парламент би можеле да ги обврзат сопствениците на електронски личности, кои ги користат како работници, и за нив да плаќаат осигурување. Освен тоа, од компаниите би се очекувало јавно да прикажат колку пари заштедиле со тоа што ги замениле луѓето со роботи, како и да ги регистрираат сите паметни автономни роботи.
B92