Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, преку Србија и Бугарија заминал во Турција каде е уапсен врз основа на меѓународната потерница преку Интерпол.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на вонредна прес-конференција ја опиша траекторијата на движење на Палевски.
Како што кажа Спасовски, Палевски со својот адвокат со возило заминал за Србија каде е оставен во хотел. Следниот ден го преземадруго лице од Скопје со џип „ренџ ровер“ и преку граничниот премин Градина влегува во Бугарија. Има транспорт низ територијата на Бугарија и влегува во Турција каде оди во Баликесир.
– Нашите служби од Центарот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт директно со властите и полицијата и еден нивни оперативен извор кој за кратко време ни врати повратна информација дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни кажа за неговите намери дека оттука сака да замине за Истанбул. Се подготвува со такси возач да оди во Истанбул и тука има негово симулирање дека ќе оди и повторно се враќа назад во Баликесир. Денеска попладнево е уапсен од страна на турската полиција додека се движи пешки по еден од автопатите во Баликесир, посочи Спасовски.
Засега нема потврдени сознанија за крајната дестинација на која сакал да оди Палевски.
– Кога ќе дојде тука, ќе се разговара за се. Кога ќе заврши целиот процес на истрагата, ќе ги добиете информациите, рече Спасовски.