Паднаа нeколку оставки за пожарот во Тетово, Филипче закажа вонреден прес

EPA-EFE/Georgi Licovski

Низа оставки предмалку беа соопштени на социјалните мрежи во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, од кои 12 ковид-пациенти кои биле хоспитализирани во објектот.

Прв својата оставка ја соопшти директорот на Клиничката болница во Тетово – Флорин Бесими. Како што вели, Бесими, чувствува морална одговорност и одлуката била неминовна.

„Почитувани граѓани, почитувани Тетовчани, дозволете ми во мое име и во име на сите вработени од Клиничката болница на Тетово да изразам уште еднаш сочувство до семејствата на загинатите во трагичниот настан што се случи во модуларната болница за Ковид-19 во Тетово.

Како доктор, кој цел мој професионален живот сум го посветил во лекување на моите сограѓани и како прв човек одговорен во Клиничката болницата во Тетово со која раководам последниве години, чувствувам морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи.

Почитувани, со голема тага за секоја жртва и за секој член на нивното семејство, Ве информирам дека поради оваа морална одговорност која ја чуствувам, давам оставка од раководното место директор на Клиничката болница Тетово. После овој трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна.

Во исто време, се надевам дека ќе заврши што побрзо целосната истрага и ќе се утврдаат причините за пожарот во модуларната болница во Тетово за пациентите со Ковид -19.

Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе постави една морална линија, која сите како општество сме ја заборавиле.

Загубата на човечки живот во една ваква состојба е голема трагедија. Функцијата не е пред достоинството и човечноста.

На повредените им посакувам побрзо да закрепнат!

Јас, со целосна доверба целиот мој живот сум го посветил за здравјето на граѓаните и на нашето општество. Изразувам почит и сочувство кон моите тетовчани, и останувам во нивна постојана услуга.

Прочитајте и:  Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

Господ да го благослови моето Тетово и моите тетовчани! Со длабоко сочуство и искреност, Флорин Бесими“, напиша директорот, на својот Фејсбук профил.

По него се огласи и економскиот директор на болницата, Артан Етеми.

„Чувствувајќи ја длабоката болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин.

Јас верувам на принципот дека истражните тела и меѓународно ангажираните експерти ќе ја откријат вистинската причина за тоа како настана трагедијата што се случи во модуларниот центар и која ги скрши нашите срца.
Ја споделувам болката со роднините на жртвите“, напиша Етеми.

По него, својата оставка ја соопшти и заменик-министерот за здравство – Илир Хасани.

„Во вакви сериозни моменти за сите нас, давам оставка како највисок морален чин. Дури и покрај фактот дека немам никаква врска со постапките за модуларните болници, иако немам ништо друго со организацискиот дел, оставката е најмал чин што можам да го сторам во овој момент, да ги почитувам жртвите, повредените, мислењето и најчесто самите себе. Ништо над достоинството!“, соопшти Хасани.

Паралелно, министерот за здравство Венко Филипче закажа вонредна прес-конференција за во 19 часот. Иако не е наведено што ќе биде темата на прес-конференцијата, дел од медиумите, повикувајќи се на извори од СДСМ, објавија дека и Филипче веќе поднел оставка.

 

Непосредно пред директорите на болницата да ги соопштат своите оставки, „360 степени“ објави најава за вечерашново интервју со претседателот на државата Стево Пендаровски, кој рече дека веднаш би си дал оставка од морални причини доколку нему би му се случила ваква ситуација.

- Реклама -