Организаторите на американската лотарија Mega Millions соопштија дека еден единствен тикет, купен во Јужна Каролина, е добитник на рекорден џекпот во висина од 1.6 милијарди долари. Тоа е воедно и најголемата лото добивка во светската историја.
Во тикетот, соопштуваат организаторите, фигурираат шесте бројки од вчерашното извлекување: 5, 28, 62, 65, 70, заедно со дополнителниот број (наречен Mega Ball) – „5“. Веројатноста човек да ја поседува комбинацијата е 1 на 302 милиони.
Засега идентитетот на добитникот и локацијата каде што е купен тикетот се чуваат во тајност, но она што не се чува во тајност се даноците што ќе треба да бидат платени од добивката, а кои имаат потенцијал среќниот добитник лесно да го трансформираат во (благо) несреќен.
Независно дали добитникот ќе избере да го подигне целиот џекпот наеднаш или во форма на годишни рати во период од три децении, поради даноците сумата ќе „издиши“ за најмалку 24%.
При џекпот од 1.6 милијарда долари, ако добитникот избере да ја подигне целата добивка наеднаш, сумата ќе се намали на 904.9 милиони долари, од кои уште 217.176.000 долари ќе заминат на федерален данок, што значи дека конечната чиста добивка ќе изнесува „само“ 687.724.000 долари.
Ако добитникот избере добивката да ја добива на годишни рати од 53.333.333 долари, на даноци ќе „испаруваат“ по 12.800.000 долари федерален данок од секоја од ратите, што значи годишната рата за добитникот ќе изнесува 40.533.333 долари.
Според CNBC, конечната добивка може да се намали и за цели 45%, во зависност од тоа каде живее добитникот, бидејќи тој/таа ќе мора да плати и локални даноци.
Инаку џекпотот се трупаше од јули годинава, кога група службеници од Калифорнија добија 543 милиони долари.
Претходната најголема добивка падна на 13 јануари 2016-та, кога тројца добитници поделија 1.586 милијарда долари од лотаријата на Powerball. Претходната најголема добивка падна во август 2017-та, кога жена на истата таа лотарија освои 758.7 милиони долари.
PS. Ако ве фаќа депресија што вас сé уште ве нема огреано некој ваков џекпот, можеби немате прочитано колку всушност животи имаат уништено ваквите добивки. За таквите пишувавме во статијата „Грепка за живот“ (ДЕЛ 1 и ДЕЛ 2), а не е лошо да прочитате и „Неколку нешта што не сакаат да ги знаете за лотаријата“.