Чилеанската влада објави дека Нобеловецот за литература Пабло Неруда може да бил убиен по превратот од 1973 година, кога на власт дошол Аугусто Пиноче.
Министерството за внатрешни работи објави соопштение во кое се наведува дека е можно Неруда да не починал од рак, како што се веруваше до неодамна.
Во соопштението се наведува документ на министерството од март оваа година, во кој што стои дека е многу веројатно во смртта на Неруда да има вмешана “трета страна”.
Сепак министерството не се обврзува со категорична позиција во случајот.
Неруда е најпознат по својата љубов кон стиховите. Тој беше популарен левичар и дипломат, близок пријател на претседателот Салвадор Алјенде, кој се самоуби во септември 1973 година, за да не се предаде на Пиноче.
Неруда, кој во тоа време имал 69 години и има рак на простата, ја сфатил сериозно смртта на пријателот. Тој планирал да ја напушти земјата и во егзил да објавува текстови за неправдите од диктатурата во Чиле.
Ден пред планираното заминување сепак, тој бил пренесен со брза помош до болницата Санта Марија во Сантијаго, каде бил подложен на лекување поради ракот. Неруда умира на 23 септември од природна смрт. Сомневањата дека тој бил убиен сепак, не исчезнуваат.