Овошјето што не смееш да го качиш во автобус

Ако овошјево ви дојде познато, можеби е затоа што сте нé читале кога пишувавме за џекфрут. Слични се, ама не се. Ова се вика дуријан, помало е, има поостри испакнатини што можат да ти се збрцаат во месото, а се разликува и внатрешноста.

Единственото вистински заедничко им е што според некои луѓе и двете мирисаат на (непран) гз. Тие со поизвежбан нос мирисот на џекфрут го опишуваат како комбинација од скапан кромид, ананас и банана. Мирисот на дуријан го опишуваат како скапано месо, канализација, повраќаница, чорапи, искористена хируршка газа или стапче за уши, и слични други мириси што ги превртуваат цревата.

Инаку се овошја од сосема различен вид. Дуријанот е мал во споредба со џекфрутот. Достигнува најмногу до 13 килограми, а обично плодот е во рангот од 2-7 килограми.

Во многу југоисточни азиски држави, законот забранува да качиш дуријан во јавен транспорт, било да е автобус, воз или уште помалку – авион.

„No durians“ на железничка станица во Сингапур. Казна – неодредена.

Дури и хотелските персонали активно душкаат за да ги спречат гостите да си прошверцуваат од смрдливото овошје во собите.

Ова последново во принцип е лесна задача, зашто можете да го намирисате и од соседната соба. Згора на тоа, откако човек ќе отвори и кркне дуријан, мирисот му останува на облеката, кожата и рецепторите за вкус – со часови.

Мирисот настрана, високата содржина на шеќер и маснотии му дава на овошјето кремаста текстура. Во историјата било тешко да се дојде до таква. Со оглед дека исхраната на луѓето во југоисточна Азија ретко вклучува млечни производи, дуријанот отсекогаш бил еден од најслатките, највкусни десерти во регионот.

Затоа денес „публиката“ е поделена: едните сметаат дека вреди за смрдеата, другите не сакаат да му припарат.

 

- Реклама -