Отворена привремена канцеларија за венчавки на аеродромот во Лас Вегас


Престолнината на казината Лас Вегас отвори привремена канцеларија за издавање одобренија за брак на аеродромот за двојките коишто сакаат да се венчаат во „градот на гревот“ на новогодишната ноќ.

Отворена од 26-ти до 31-ви декември, канцеларијата на меѓународниот аеродром „Хари Рид“ е наменета првенствено за двојките кои се венчаваат токму на 31-ви декември 2023 година.

„Поставувањето на привремен канцеларија за издавање дозволи за брак на аеродромот им го олеснува процесот на двојките, давајќи им повеќе време да ја искусат прекрасната новогодишна возбуда на Лас Вегас“, вели службеничката од округот Кларк, Лин Мари Гоја за Las Vegas Review-Journal.

„Новогодишната ноќ е веќе еден од најпопуларните датуми за свадби во Лас Вегас, а додавањето на магичниот датум 1-2-3-1-2-3 им дава на двојките уште повеќе причини за прослава на оваа историска ноќ“, додава таа.

Лас Вегас, кој некои го нарекуваат и Светска престолнина на венчавките, е најпопуларната дестинација за свадби во САД, иако некои велат дека е втор по Истанбул во светот.

Округот Кларк започна да работи со привремена канцеларија за издавање дозволи за брак на аеродромот на Денот на вљубените 2018 година и повторно се отвора секоја година, освен 2021 година.

Новогодишната ноќ може да постави рекорд за најмногу свадби во еден ден во Лас Вегас. Рекордот од 4.492 е поставен на 7-ми јули 2007 година (7/7/7). Вториот најпопуларен ден беше 11-ти ноември 2011 година (11.11.11), кога во градот се венчаа 3.125 двојки.

„Овие специјални датуми се секогаш исклучително популарни. Но, кога ќе ги комбинирате со новогодишната ноќ, тоа е сосема спектакл“, вели Мелоди Вилис-Вилијамс, претседателка на „Vegas Weddings“, кој управува со повеќе локации за венчавки.

Привремената канцеларија нема да биде единствената опција за двојките кои доаѓаат во градот за празниците. Главна канцеларија во центарот на Лас Вегас на адресата „201 Clark St.“ е отворена од 8 часот наутро до полноќ секој ден, вклучувајќи ги и празниците.

- Реклама -