Отворен Балкан е компатибилен со Берлинскиот процес и треба да продолжи, порачаа Ковачевски и Рама

Отворен Балкан и Берлинскиот процес воопшто не се во меѓусебна спротивност, туку напротив, тие се два компатибилни процеси, бидејќи држави коишто се дел од Берлинскиот процес се дел и од Отворен Балкан, кој се базира на четирите слободи на кои почива ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со албанскиот колега Еди Рама по одржувањето на заедничката седница на владите на двете земји.

„Доколку ги погледнете договорите коишто ги потпишавме на Берлинскиот процес тоа се идентични договори коишто веќе нашите три држави ги имаат потпишано и ратификувано. Берлинскиот процес е неповратен процес. Тоа е процес којшто води кон целосна интеграција на Западен Балкан во заедничкиот европски пазар. Основите на коишто почива Отворен Балкан се четирите слободи на коишто почива и ЕУ. И уште еден многу важен факт за тоа до каде Албанија и Северна Македонија имаат стасано во нивниот развој, особено во изградбата на безбедноста, сигурност, стабилност, политички односи со своите соседи е фактот што наредниот самит на Западен Балкан ќе биде токму во Тирана, многу скоро, а што договорите коишто беа потпишани во Берлин се депонирани во Северна Македонија“, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање дали вреди да продолжи процесот на Отворен Балкан, кој вклучува три од шесте земји од Западен Балкан, кои се дел од Берлинскиот процес.

Ковачевски го подвлече фактот дека договорите коишто се потпишаа во Берлин се депонирани токму во нашето МНР.

„Вратете се 30 години наназад да видите од каде тргнаа и Северна Македонија – Македонија во тоа време и Албанија, а каде сме стасани сега после големите одлуки коишто ги донесовме. Во Албанија да се одржува самит на Западен Балкан сите земји, а во Северна Македонија, во нејзиното МНР, односно во нашето, да бидат депонирани договорите на шесте земји членки од Западен Балкан. Е тоа јас велам дека е успех“, рече премиерот Ковачевски.

Албанскиот премиер Рама, пак, нагласи дека вреди да се продолжи со Отворен Балкан, кој, како што нагласи, е доживотен процес, а двата процеса ги спореди со локомотива и вагони.

„Вреди уште повеќе затоа што на таков начин се менува позицијата на локомотивата со вагоните. Значи, Берлинскиот процес е една локомотива која што ги влече сите лидери од регионот на едно ново патување. Во меѓувреме, се разбира, на крајот на краиштата, таа локомотива само малку ги менува односите, но процесот оди напред и ние нема што да очекуваме во однос на она што ние веќе го направивме, а со Берлинскиот процес само се зацврстува. Мислам дека Берлинскиот процес е отворен ама не е доживотен, додека Отворен Балкан е навистина доживотен. Мислам дека ќе има подолг живот. Сепак, ова треба да го имаме предвид“, нагласи Рама.

МИА

- Реклама -