Девојките од сиромашните британски провинции го ризикуваат своето здравје користејќи тоалетна хартија или чорапи, затоа што не можат да си дозволат да си купат тампони или влошки за време на менструалниот циклус. Не само тоа, туку и често отсуствуваат од училиште и тие денови ги поминуваат дома, за да го избегнат срамот.
Како што пренесува Guardian, група наставници, заедно со лондонската хуманитарна организација „Freedom for Girls“ се активирала за да обезбедат хигиенски средства за своите ученички, бидејќи проблемот со отсуството од часовите во сиромашните предградија е сé почест.
„Тинејџерките и младите девојки се приморани да ставаат тоалетна хартија во долната облека, за да спречат протекување и срамот што поради тоа би го доживеале. Цената на хигиенските влошки е превисока за некои од нив, што води кон тоа да отсуствуваат од училиште и да го доведуваат своето здравје во ризик“, вели Хејли Смит од Freedom for Girls. „Потполно е неприфатливо девојките во 21 век да се приморани да го жртвуваат своето образование поради потреби кои мора да им бидат достапни и пристапни“.
Смит истакнува дека нема да се откажат додека не најдат нови канали на помош преку кои на девојките ќе им се доставуаат хигиенски средства и така ќе им се помогне полесно да го пребродат „оној период во месецот“, а ќе склучат и договори со производителите, кои во одредени периоди ќе донираат бесплатни средства во училиштата.
Иако конкретниот текст се однесува на британските ученички, Guardian штотуку ни ги отвори очите кон еден проблем кој очигледно не бира врз основа на географија. Звучи како работа за феминистките, не?