Судијата Андреј Димовски од Граѓанскиот суд Скопје ја отфрли тужбата на обвинителката Вилма Рускоска против ВМРО-ДПМНЕ за клевета во изборните спотови. Како што рече Димовски, тужбеното барање било неосновано.
Тој посочи дека во рок од осум дена одлуката во писмена форма ќе им биде доставена на странките, а со тоа и образложението.
Адвокатот на Рускоска – Панче Ефтимов, истакна дека ќе го почекаат образложението од судот и соодветно на тоа ќе поднесат жалба на пресудата, бидејќи, како што рече, сметаат дека се исполнети условите за клевета.
Во изјава за медиумите, Ефтимов искористи реторика според нему слична на онаа на ВМРО-ДПМНЕ против Рускоска, и ја доведе во прашање, барем колку за пример, објективноста на судијата Димовски:
„Доколку се служиме со јазикот на ВМРО-ДПМНЕ, јавната критика и сарказмот, произлегува дека сваровски судијата, избран од тефтерчето, сепак не може да пресуди против тие што го избрале и сѐ уште го држат за уши“, рече адвокатот.
Рускоска уште во текот на кампањата ги предупреди ВМРО-ДПМНЕ со опомена пред тужба и побара да ѝ се извинат толку пати колку што биле погледнати спотовите. Во тужбата, таа од опозицијата побара 10.000 евра отштета, кои вети дека, ако ги добие, ќе ги донира во хуманитарни цели за детското СОС село.