Она што го направија ракометарите на Вардар е извонредно од сите можни аспекти (не само спортски), а придонесот на капитенот Столе Стоилов во она што клубот го претставува денес – двократен европски шампион во три години, во најмала рака – е невозможно да биде игнориран. Невозможно е да биде игнориран и неговиот гласен став по однос на името на државата, но тоа е само уште причина поради која Стоилов заслужува почит, смета владиката Пимен.
Митрополитот на Европската епархија, попознат како Отец Пимен на друштвените мрежи, како некој што учествуваше во референдумската кампања за „Излези ЗА европска Македонија“, повика на почитување на оние со различен став и порача дека таквите (различните ставови) не треба да бидат основа за непочитување на заслугите на други полиња на реализираните личности. Тој „му симна капа“ на „Ел Капитано“ и повика и другите да го направат истото, како што единствено доликува:
„Почитувајте луѓе и со дијаметрално различен став од вашиот. Барем го имаат. Чувајте се од оние што го немаат и ги води толпата за да се чуствуваат силни и безбедни.
Не ја уништувајте почитта и заслугите на други полиња на реализираните личности само поради нивните ставови.
Немојте да бидете спремни и другарства да згазите поради спротивните ставови. Спротиставеноста на ставовите може да нè води напред, а не топењето во толпата под влијание на медиумите.
Столе Стоилов треба да е почитуван од секого како шампион кој ни донесол многу радости, но и како човек што цврсто стои на својот став и не се плаши од тоа. Капа долу Ел Капитано!“, напиша Пимен.