Осумте „рамковни“ на Груби ја ставаат Антикорупциска во апсурдна позиција, реагира претседателката на ДКСК

Третина од „рамковните“, односно 349 административци кои не одеа на работа а беа вработени и земаа плата од државните институции, вчера ги потпишале решенијата и од денеска може да почнат со работа – се пофали синоќа во ТВ гостување првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби.

Груби потсети дека овие вработувања не се нови и дека со нив нема да се зголеми бројот на јавната администрација, што значи, според него, дека ќе немаат ниту било какви финансиски импликации.

Примерот со Антикорупциска, меѓутоа, покажува нешто друго. Како што соопшти претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата – Билјана Ивановска, осумте „рамковни“ кои неодамна се вработени во комисијата ја компромитираат дури и суштината на оваа институција:

„Во Антикорупциска добивме осум ‘рамковно’ вработени административни службеници од Министерството за политички систем на првиот вицепремиер Артан Груби, задолжени да ја прилагодуваат систематизацијата за да ги интегрираат. Станува збор за помлади сорабоптници, а нас можеби ни требаат виши советници. Сега ќе треба да се изврши обуката и да се прилагодува систематизацијата“, рече Ивановска во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Тоа, според неа, е апсурдно, со оглед дека една од појавите против кои се бори Антикорупциска се токму промените на систематизациите, кога се прават наменски заради вработувања.

Во гостувањето во „Утрински брифинг“, Ивановска се пожали и дека не добиле ништо од она што го барале, а им е потребно како можност за да може оваа институција да ја исполни својата улога. Како што рече таа, кај антикорупционерите почнува да се гради впечаток дека заложбите и поддршката од Владата се само декларативни.

Ивановска посочи и дека антикорупционерите не притискале премногу да им се купи простор по секоја цена, затоа што верувале дека навистина се ограничени парите со кои располага Владата, особено во околности на ковид криза. Таа призна дека и самата верувала во приказната, но одвоените 14 милиони евра од Владата за новата зграда на Министерството на Груби ја премислиле.

„Не верувам веќе во таа приказна дека нема пари за ДКСК“, порача Ивановска, потсетувајќи дека во таа зграда требаше да се вселат ДКСК и Финансиска полиција како поважни институции, но дека Владата извисила во тоа ветување.

„Вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски прво ја избра ДКСК, беше запознат со сите проблеми и со сите предизвици. Детално беше запознаен со сѐ. Разговарав и со други министри и им реков дека во Европскиот извештај се бара од државата да се залага во борба против корупцијата; а како сега ќе им објасните? Ми рекоа: ‘Зарем таа зграда е?’“, откри претседателката на ДКСК во „Утрински брифинг“ (целиот разговор ТУКА).

Што се однесува до 349-те „рамковни“ кои ги потпишаа решенијата, според Груби, од нив најголем дел (143) се распределени во МВР, а останатите во Царинската управа, УЈП, Агенцијата за вработување. Во поглед на етничката припадност се работи претежно за Албанци, но и има и Роми, Македонци, Срби и турци, рече првиот заменик на премиерот, според кого до крајот на неделата ќе се заврши со решенијата за сите рамковно вработени, а најдоцна за две недели сите ќе почнат со работа.

Во меѓувреме, Груби се пофали дека денеска во Министерството за политички систем биле поделени уште 330 решенија.

„Ние го направивме невозможното да создадеме закон ‘lex specialis’ само за да не бидат оштетени овие административни службеници“, напиша првиот вицепремиер на Фејсбук.

- Реклама -