Никој не го крие и не го криел фактот кој стои зад отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, му порачаа од организацијата на Македонците во Бугарија, ОМО „Илинден“ – ПИРИН, на министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако денеска тој изјави дека отворањето на клубот не им е во прилог на Македонците во Бугарија и дека тој нема да оди на отворањето и поради тоа што оние кои го финансираат „Никола Вапцаров“, како што рече, имале ставови спротивни на стратешките интереси на земјава.
„Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница. И доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата, ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение, за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера“, изјави Османи на брифинг за новинарите.
Во „отворената порака до Османи“, од ОМО Илинден Пирин посочија дека луѓето зад отворањето на клубот се познати и тоа е на прво место „Друштво за заштита на основни човекови права“ во Благоевград, друштво кое, како што велат, повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија. Финансиери на Клубот, пак, се посочува, се двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто, Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас. Посредник, се наведува, е Македонско меѓународно движење за човекови права.
„Но господинот Османи не се интересира ниту од тоа кои го отвораат клубот, ниту кој го финансира, туку се фиксирал само врз некои искажувања на посредникот искажувани во врска со други настани. Можеби затоа што си барате изговор зашто нема да дојдете?! Правдање, зашто надворешниот министер на Македонија не ги поддржува Македонците во Бугарија? Така е кога првиот македонски дипломат се информира од жолти сајтови кои шират прикриено бугарска пропаганда во Македонија“, обвинуваат од ОМО Илинден Пирин, приговарајќи му на Османи дека што не само што тој не помага, туку и ги напаѓа оние кои им помагаат на Македонците во Бугарија.
Организацијата посочува и дека е апсурдно Османи да се меша во внатрешните работи на други држави, особено со оглед што Македонија вети дека нема тоа да го прави и со Договорот со Бугарија.
„И каков срам – шефот на македонската дипломатија ќе проверува што граѓани на друга земја прават во својата земја и што граѓани на трета земја финансираат.
Две прашања господине Османи:
1. Нели ветивте да не се мешате во внатрешните работи на Бугарија – да проверувате што прават граѓани на Бугарија во Бугарија не е ли директно мешање?
2. И не е ли тоа работа на бугарските институции, ако сакаат нешто да проверуваат на нивна територија? Од кога македонското надворешно министерство е разгранок на внатрешното министерство на Бугарија?“, се вели во „отворената порака“ до шефот на дипломатијата.
Воедно, од ОМО Илинден ПИРИН на Османи му порачаа и дека има голема разлика меѓу бугарските клубови во Македонија и овој во Благоевград.
„Отворањето на Културен клуб на име на поетот антифашист Никола Вапцаров не е исто со отворање на ‘културен’ клуб на име на терорист и хитлеров соработник.
Културните активности на Македонците во Бугарија не се провокација! Културните активности на Македонците во Бугарија не можат да штетат на вистински и искрени добрососедски односи – токму спротивно!
„Оставете ние, Македонците во Бугарија, да решаваме од што имаме потреба и што ни оди во наш интерес. Вие така или инаку се имате откажано од нас! Оние што не се откажаа од нас – доаѓаат во недела. Тие се добродојдени!“, се вели во пораката до Османи.