Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, доцна синоќа „најостро ги демантираше“ насловите во дел од порталите кои, како што напиша на Фејсбук, објавувале невистини поврзани со нејзиното излагање на ТВ24.
Петровска беше цитирана (од МИА) во контекст на тоа дали ќе испратиме војници во Украина доколку тоа биде побарано од земјава, но Петровска е категорична дека одговарала на поинакво прашање и не зборувала за испраќање војници во Украина, туку во земјите членки на НАТО.
„Јас одговорив на прашањето дали Северна Македонија ќе испрати војници во рамките на НАТО плановите за одбрана и одвраќање. Одговорот беше во насока на тоа дека ако биде побарано од нас, ќе испратиме воени сили во земјите членки на НАТО на источната граница на Алијансата. Но таква одлука не е донесена“, објасни Петровска на Фејсбук.
Таа воедно упати и апел изјавите во однос на тековниот воен конфликт во Украина да се пренесуваат точно и прецизно за да не се предизвикува дополнителна вознемиреност во јавноста.