Ако одреден дезодоранс се покаже како неефикасен, не мора да значи дека се работи за лош квалитет. Што ако всушност е неефикасен затоа што погрешно го користите?
Кога се работи за користењето на антиперспиранти, речиси сите ја повторуваат истата грешка – го нанесуваат веднаш по туширањето. Но, тоа не е најдоброто време.
Антиперспирантите, за разлика од другите дезодоранси кои само ги неутрализираат незгодните мириси, работат на принцип на спречување на потните жлезди да произведуваат и лачат пот. Неговата улога практично е да ги зачепи самите извори на потта. Токму од таа причина, важно е и времето кога го нанесувате.
Антиперспирантот делува дури откога ќе се впие во кожата. По туширањето обично почнувате да се потите за многу кратко време, а нанесувајќи го антиперспирантот непосредно пред тоа да се случи нема многу ефект. Како што рековме, потребно му е време да се впие во кожата и да ги спречи жлездите уште пред да почнете да се потите. Затоа, најдоброто време е – навечер, пред спиење.
Патем, немате потреба да се плашите околу утринското туширање. Да, практично ќе го измиете остатокот од антиперспирантот врз кожата, но неважно, тој веќе одамна почнал да делува.