„Различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под говор на омраза. Под говор на омраза, јасно кажува нашето законодавство, што е омаловажување поради карактеристики на човек или припадност во група. И мислам дека ако го прошириме тоа во историските интерпретации тогаш мислам дека отвораме токму поле за такви ризици за кои зборуваме дека говорот на омраза ќе се интерпретира во делот на работата на Историската комисија“, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, на новинарско прашање по средбата со неговиот португалски колега Жоао Гомес Кравињо.
„Говорот на омраза не е поврзан со работата на Историската комисија, туку како владите да отворат можност за подобри односи помеѓу граѓаните, помеѓу бизнисите помеѓу двете држави. Очигледно дека сме влезени во еден негативен тренд на односи во коишто бираме кој повеќе тешки зборови за другиот, навредувајќи ги граѓаните па и државите од едната и од другата страна. Мора да ставиме стоп на таквиот тренд доколку сакаме да бидеме пријатели и да бидеме сојузници во ЕУ. Немаме никаков интерес да бидеме во негативен тренд на односи и говор со Република Бугарија“, оцени Османи.
Според него, овој протокол, овој договор, е потпишан под добра волја и затоа од таков аспект треба да се гледаат и одредбите во делот на следење на говорот на омраза.
„Во Република Бугарија исто така да се следи говорот на омраза. Знаете дека имаше случаи кога после запалениот автобус имаше бугарски граѓанин кој упатуваше навреди кон загинатите во автобусот, бугарската Влада реагираше веднаш со притвор на граѓанинот. Значи, за тој вид на говор на омраза зборуваме, со цел да го затвориме тој токсичен круг на односи во коишто сме влезени и да отвориме едно ново поглавје на пријателство“, рече Османи.
Во одговор на прашањето дали имал средба со членовите на македонскиот дел од Историската комисија во однос на Протоколот, Османи рече дека се сретнал со нив додека го договарале Протоколот и дел од нивните забелешки се вметнати во финалната фаза на самиот протокол.
„Во наредните денови планирам да се видам со целата Комисија, почнувајќи од утре, со коишто ќе разговараме за чекорите понатаму“, информира Османи.
Извор: МИА