Османи во ОН: Русија ја избра погрешната страна на историјата, човечките страдања во Украина мора да престанат

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска говореше на 11-тата Специјална итна седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк каде упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина.

Во своето обраќање, Османи испрати порака до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН за враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок и ги повика сите земји членки на Организацијата на ОН да се солидаризираат со Украина и со нејзиниот народ и да ја чуваат Повелбата на ОН која е нивна заедничка одговорност.

„Денес е Украина, утре може да биде која било наша држава која се потпира на правилата и принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН ја смета како неспорна гаранција за независност, суверенитет и територијален интегритет на земјите. Руската Федерација ги прекрши овие фундаментални принципи, кои сите ги негуваме и за кои сите се согласуваме, без оглед на разликите меѓу нас“, рече Османи, инфомираат од МНР.

Османи јасно порача дека не може во 21 век да се прифатат „сферите на влијание“, објаснувајќи дека тоа е концепт за предизвикување конфликти, како што e случај со Украина. Потенцираше дека е недозволиво една држава со сила да ги менува границите на својот демократски сосед, да ја уништува нејзината инфраструктура и да предизвика неподносливо страдање на цивилното население.

„Не можеме да дозволиме или да признаеме освојување на територии со војна и смешно организирани референдуми на окупирани територии. Не можеме да прифатиме владеење со сила и најсилните да одлучуваат за судбината на другите народ“, порача тој.

Османи подвлече дека Русија ја избрала погрешната страна на историјата и оттука мнозинството земји-членки ги прифатија досегашните резолуции на ОН, со што и ја осудија руската инвазија на Украина. Однесувањето на Русија како постојана членка на Советот за безбедност нема оправдување – Русија освен што започна агресивна војна против Украина, предизвика и енергетска несигурност и недостаток на храна во светот, додаде тој.

Османи, како претседавач на ОБСЕ, ги пренесе и позициите на земјава. Северна Македонија, рече, се води од принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН и од самиот почеток ја осуди руската војна против Украина и, како голем број членки на ОН, даде поддршка на истрагата за евентуални воени злосторства врз украинскиот народ, а сега дава поддршка и на враќањето на мирот и заштитата на меѓународниот поредок.

Говорејќи од позиција на Претседавач со ОБСЕ, Османи истакна дека Русија со воената инвазија ги прекрши и принципите на ОБСЕ и Завршниот акт од Хелсинки. Пред Собранието, тој ги сподели и личните сведоштва за време на теренската мисија на Украина.

Извор: МИА

- Реклама -