Министерот за надворешни работи – Бујар Османи, од утре почнува нова надворешно-политичка турнеја, со присуство во неколку значајни метрополи: Берлин, Варшава и Блед (Словенија), со цел билатерални средби и учество на значајни меѓународни настани.
Како што соопшти МНР, веќе од утре Османи е во работна посета на Сојузна Република Германија, на средби со министерот за надворешни работи – Хајко Мас, како и државниот министер надлежен за Европа – Михаел Рот.
Посетата има за цел да се продолжи високиот политички дијалог со Германија, но и да се реафирмираат германските позиции во однос на нашето европско досие, особено пред одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија.
Од Берлин, Османи продолжува за Полска каде ќе учествува на „Безбедносниот форум во Варшава“. Во Варшава, Османи ќе оствари средби со неговиот полски колега – министерот Збигњев Рау, но и со финскиот министер за надворешни работи – Пека Хависто, и со други значајни политички претставници активни во сферата на безбедноста и транс-атлантските односи.
В среда Османи ќе се приклучи на државната делегација предводена од претседателот на Владата, со цел учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржува во Брдо кај Крањ, во Словенија.