Османи: Слонот во собата е неправилното толкување на сегашноста

Благодарност за придонесот и активниот ангажман на унгарските полициски сили, кои им даваат драгоцена помош на своите колеги од Северна Македонија при надзорот на нашата јужна граница – изрази министерот за надворешни работи Бујар Османи при неговата посета на Будимпешта, на средбата со неговиот унгарски колега Петер Сијарто. Османи истакна дека досега, во рамките на оваа поддршка, на ротација во земјава беа вкупно 55 контингенти, или 1.598 унгарски полицајци. Османи упати благодарност и за значајната хуманитарна помош од страна на Унгарија во рамки на мерките за успешно справување со Ковид-19.

Една од главните теми на средбата, сепак, како што информира МНР, биле последните актуелности во ЕУ поврзани со европските интеграции на Македонија. Османи посочил дека особено се цени, од наша страна, принципиелната поддршка од Унгарија и нивната јасна позиција за старт на преговорите на земјава со Европската Унија без никакво одложување.

„Вчерашните одлуки во Брисел и неуспехот на Унијата и во последниот обид на Германското претседателство да оформи консензус за преговарачката рамка не се во оваа насока, и дозволете да констатирам дека, тоа се доживува со длабоко разочарување во Северна Македонија“, истакнал Османи, потсетувајќи дека 26 земји членки ја потврдија подготвеноста на земјата за почеток на преговорите, како признание и за реформскиотнапредок и за позитивниот пристап во добрососедските односи.

Шефот на дипломатијата накратко ги искоментира и вчерашните заклучоци на ЕУ за Западен Балкан:

„Во вчерашните заклучоци на ЕУ се вели дека земјите – кандидати треба да сторат сѐ за да стават крај на неправилната интерпретација на историјата, но мислам дека ‘слонот во собата’ е дека се работи за неправилна интерпретација на сегашноста и на иднината. Ние денес, на пример, имаме билатерални договори за поддршка во граничната соработка со земји како што е Унгарија, затоа што сѐ уште не можеме да го потпишеме Договорот со ЕУ за распоредување на силите на Фронтекс поради неправилно толкување на сегашноста“, истакна Османи.

Како што веќе е информирана јавноста, потпишувањето на договорот за Фронтекс го блокира Бугарија, со изговор дека во документот се користи изразот „македонски јазик“.

 

- Реклама -