Османи: Се претпоставуваше дека конференцијата на ОБСЕ ќе чини 5 до 8 милиони евра, ние сме далеку под тие средства

Според искуствата на други држави, се претпоставуваше дека самата конференција ќе чини околу пет милиони евра. Ние сме далеку, далеку под тие средства. И кај другите држави, трошоците се движат помеѓу пет и осум милиони евра за претседавањето, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со организирањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, како завршна конференција на државата која претседава со Организацијата.

Како што рече, трошоците за претседавањето со ОБСЕ се на земјата што претседава, а околу половина милион евра во текот на годината ги обезбедува Секретаријатот на ОБСЕ, но главно за настаните што се одржуваат во Виена, Прага, Варшава.

„Кога ќе заврши конференцијата, ќе направиме пресек во однос на сите трошоци што се направени“, додаде Османи.

Во однос на возилата што ќе се користат за спроведување на делегациите, рече дека договорот е рамковен и на повикот се пријавил само еден понудувач. ОБСЕ во Водичот, според кој МНР го подготвува големиот настан, утврдило стандарди за тип, марка, број на возила итн.

„Договорот што го постигнавме со рентакар-агенцијата е рамковен како резервен план. Затоа што ние мора, согласно стандардите на ОБСЕ,  да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација – од денот кога доаѓаат, до денот кога заминуваат. Договорот е направен рамковен, што значи е утврдена цена по возило и по ден, и во договорот јасно стои дека МНР нема обврска да ги користи сите возила, туку толку колку што ќе има потреба. Откако ќе ги исцрпиме сите домашни институционални капацитети, значи министерски возила, возила на СОЗР, комбиња, автобуси, се што ќе може да најдеме, тогаш остатокот што нема да можеме да го обезбедиме ние веќе имаме од каде да обезбедиме возила. Тоа мора да го направиме за да сме покриени во однос на возилата“, рече Османи.

Постапката е спроведена по пат на јавен тендер, нагласи тој, при што биле информирани сите  рентакар-агенции, но, за жал, како што рече, имало една понуда.

„Зошто имаше една понуда, треба да ги прашате рентакар-агенциите, дали не можеле да обезбедат толкав број возила, од тие марки, со таа боја, во државата, во регионот, или немале интерес тоа да го направат. Тоа не е прашање за нас, ние имавме законска процедура во која имаше една понуда, цените ги утврдува понудувачот и ние склучуваме договор согласно Законот за јавни набавки. Оттука, нема ништо спорно во тој дел, нема дилема и сомнеж во постапката, најдомаќински е постапено“, рече Османи.

МИА

- Реклама -