Османи: Ова отворање на клубови од инает не е во корист на заедниците ниту на добрососедските односи

„Немаме ништо против отварање на клубови тука и таму, но според Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, граѓаните имаат право на здружување. Контекстот на појавување на овие клубови се гледа дека влегуваме во еден натпревар, во едно инструментализирање на луѓето. Ова е инструментализирање на финансиерите на овој клуб и тука нема добри намери“, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во „24 анализа“, додавајќи дека таквиот циклус на инструментализирање на правата не е во духот на добрососедството.

„Имало таму луѓе со најдобра намера, но сметам дека овој циклус на инструментализирање на малцинските права овде преку клубовите во Охрид и во Битола и клубот во Благоевград, не е во духот на добрососедството. Тука имињата не беа добронамерни и не мислам дека тоа помагаше на бугарската заедница. Времето кога ова се случува и начинот на кој опозицијата се надоврзува за да лови некои политички поени, сметам дека е обратно од она што ние сакаме да го правиме. Ние сакаме еден нормален циклус. Бугарската Влада погреши што дојде тука на отварање на клубот и тоа го сметавме за провокација“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата додаде и дека не смета дека Македонците во Бугарија добиле нешто со отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ а, како што рече, само ја поларизирале бугарската јавност кон нив. Долгорочно, оцени министерот, тоа ќе биде на штета на Македонците во Бугарија, зашто „се дел од процес на инструментализирање кој не е во функција на промоција на малцинските права“.

„Токму во интерес на Македонците во Бугарија и обратно е еден поинаков циклус на односи отколку овој негативен натпеевар што се случува повеќе од инает на другиот, отколку за промоција на сопствените вредности. Тоа е на штета на заедниците и на штета на добрососедските односи“, рече Османи, потенцирајќи дека отворањето на клубови мора да биде во духот на пријателството и добрососедството.

Во однос на уставните измени, Османи оцени дека „моментумот е сега и веднаш“ – по скринингот треба да се отвори првото поглавје, а помеѓу тоа требаат уставните измени.

„Сите што ја знаат проблематиката на ЕУ знаат дека мора да се реагира. Не смееме да создадеме временски јаз. Ако уставните измени се остават после изборите, тогаш изборите ќе бидат само референдум за уставните измени“, Османи.

Извор: МИА

- Реклама -