Шефот на дипломатијата Бујар Османи, по повод 30 години независност на државава, му врачи признание на францускиот сенатор Роберт Бадинтер.
„Ми беше особена чест и задоволство да го посетам сенаторот Роберт Бадинтер во неговиот дом во Париз и да му го врачам признанието по повод 30-годишнината од независноста на Република Северна Македонија. Сенаторот Бадинтер придонесе во два клучни момента од историјата на Северна Македонија, и тоа во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјата, тогаш во улогата на претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата“, напиша на фејсбук Османи, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ го посетија Бадинтер во неговиот дом во Париз, во рамки на нивната посета на Франција.
Со овој чин, вели Османи, му се оддава симболично признание на Бадинтер за оставениот белег во консолидацијата на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евро-атлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурната и мултиконфесионалната кохезија на нашата држава и општество.
„Во една прилика, Сенаторот Бадинтер за Северна Македонија ќе каже: ‘Иднината на ова земја се разбира е во рамките на Европската Унија. Знам дека патот е тежок. Но затоа ќе се послужам со девизата на големиот ред на Језуитите, чие учење не сум го следел – Per aspera, ad astra! (преку трње до ѕвездите)’ “, додаде Османи на Фејсбук.