„Ако во некое поле откако сум на функцијата имам постигнато најмногу, тоа е токму во упатувањето на амбасадори и конзули, бидејќи направивме голем исчекор во делот на професионализација на службата и затоа побарав и формирав работна група во Министерството за анализа на индивидуалните досиеја на упатени дипломати од 2006 година“, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи посочи дека откако тој е на функцијата, има пратено 21 амбасадор или една третина од вкупниот број дипломатски конзуларни претставништва кои го имаме, од кои 15 се дипломати од кариера.
„Согласно закон јас сум задолжен до една четвртина од сите амбасадори да бидат дипломати од кариера, а другите е дозволено да бидат политички решенија. Тоа се обично афирмирани личности, кои по пракса политичките партии ги предлагаат во рамки на коалицијата. Согласно закон е 25 проценти, а јас имам над 70 отсто пратено од куќата“, изјави Османи.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на некои од предлозите, Османи рече дека владината седница која е затворена според закон е доверлива и одлука која што не е финализирана не може да каже затоа што е спречен поради ограничувањата на законот.
„Но, тоа што можам да го кажам е дека во ‘Службен весник’ каде се официјализираат одлуки и на затворена седница на Влада, нема одлука за именување на генерален конзул во Њујорк, ниту имаме планови да го смениме генералниот конзул во Њујорк – Јордан Панов, којшто има уште две години мандат до јули 2023 година“, посочи Османи.
Прашан за тоа зошто конзули се назначуваат на затворени седници, Османи рече дека тоа е законска обврска – сите предлози да поминат на затворена седница на Влада.
„И тие остануваат доверливи информации, независно дали е за амбасадори, дали е за конзули. Сѐ додека не се добие агреман односно егзекватура од земјата каде што се упатува, таа информација останува доверлива. Затоа ние не можеме да потврдиме, на пример, кој е предлогот за Софија, иако е поминато на Влада, поминато е кај претседателот, веќе е упатено барање за агреман во Софија. Тоа не е само кај нас, тоа е секаде во светот – додека не се добие агреман тие информации се доверливи. За сите е подеднаква процедурата“, изјави Османи.
Образложувајќи го изборот на Бесмира Ејупи, Османи рече дека законот освен тие формални услови – високо образование, познавање на јазик, вели да бидат афирмирани личности во надворешната политика и меѓународните односи, што пак е премногу широк поим.
„Тоа е премногу широко образложение што значи афирмирана личност. На крајот на краиштата е проценка на министерот и Владата кој ќе ја претставува таа влада, но сигурно нема да го прашаме Милошоски кого ќе предложиме надвор. Сепак, имаме право како Влада да одлучиме кој ќе ја преставува државата надвор, а се разбира после е проценка на граѓаните дали сме направиле добри одлуки или лоши одлуки. Но, тука нема отстапување од закон, туку е прашање на одлука на влада“, изјави Османи.
Прашан за тоа кој ќе процени што е афирмирана личност, Османи рече дека тоа ова е единствениот вид на именување каде се вклучени три институции – министер предлага, Владата треба да прифати, Претседателот треба да одобри.
„Нема пофилтриран процес на именување отколку именувањата и плус земјата каде што се упатува да одобри. Тоа се четири филтри и ова се единствени именувања за коишто службите даваат позитивно мислење и Агенцијата за разузнавање и Агенција за национална безбедност. Тоа е најконтролираниот процес во државата. И мислам дека тука е повеќе политичкиот пристап на министерот. Мислам дека тенденцијата се гледа јасна во мојот пристап на соодносот кој треба да биде и владата во целина“, изјави Османи.
Според него, со фактот што успеале за седум дена да предложат амбасадор во Софија покажале дека имаат капацитет брзо да ги пополнат и останатите 7-8 места колку што се празни.
„Јас се надевам дека брзо ќе дојдеме и со други решенија. Сигурно ќе има пак дебати. Никогаш нема да бидат сите задоволни. Битно е да можеме вака да седнеме и да разговараме, да ги елаборираме, па и да ги споредиме за да видиме којшто направил“, изјави Османи.
За случајот со амбасадата во Вашингтон и дали имаме кандидат што може да ги задоволи тие критериуми, Османи рече дека очекува многу брзо ќе излезат со име за Вашингтон.
„Не е тоа негативна битка во која што ние се кочиме еден со друг, туку даваме предлог, Владата смета можеби тоа не е најдобро решение, претседателот ќе каже ‘чекајте ова можеби не е најдобро решение, да видиме уште’, значи таков вид на разговори и координации се прават во однос на Вашингтон. Очекувам дека многу брзо ќе излеземе со име за Вашингтон. Вака најавив за Софија и така и се случи, еве повторно најавувам дека за Вашингтон ќе биде брзо предлогот“, изјави Османи.
Сите амбасади, според Османи, се важни, а очигледно Вашингтон е позначаен заради нашето стратешко партнерство, заради значењето на односите со САД, и институциите се повнимателни во давањето позитивно мислење.
Осврнувајќи се на тоа дека ќе се прави ревизија на индивидуалните досиеја од 2006, Османи рече дека во претходните години биле испраќани луѓе кои претходно работеле во фирми за лекови, чоколади, детски градинки.
„Конзул во Солун а потоа и амбасадор бил директно земен од фирма за лекови. Генерален конзул во тој период преземена од детска градинка. Генерален конзул во Торонто со Факултет за физичка култура преземен од Агенција за млади и спорт. Амбасадор во Загреб имал Факултет за шумарство, а претходно управител на старечки дом. Амбасадор во Абу Даби, претходно бил вработен во фабрика за чоколадо. Амбасадор во европска земја, од претходно искуство придружба на сопруг-амбасадор. Амбасадор во Анкара бил преземен од Македонски пошти“, кажа Османи на брифингот со новинарите.
МИА