Пораката на Османи до евроамбасадорите и ЕУ, парафразирана: Примете нè, помалце ќе ве боли

За само 21 месец, Владата направи нешто што малкумина веруваа дека може да го испорача – ги затвори отворените прашања со Бугарија и Грција, го затвори и исклучително сензитивното прашање за Законот за јазиците, а сепак остана посветена на реформите во клучните приоритетни области, порача вицепремиерот Бујар Османи во обраќањето до евроамбасадорите на традиционалниот доручек по повод Денот на Европа.

Згора на тоа, земјава веќе 20 години е дел од Процесот за стабилизација и асоцијација и веќе 15 години е земја-кандидат. Притоа доби и неколку препораки за почеток на преговорите, строго ги следи и усогласува политиките и правосудниот систем со законите на Унијата и спроведе чисти и демократски претседателски избори, порача тој.

Оттаму, очекува дека датум за почеток на преговорите во јуни не само што е заслужен, туку е и подобрата варијанта за самата Европска унија.

„Денес можам да кажам дека ги исполнивме сите наши ветувања. Донесовме тешки одлуки. Не беше лесно, а некои не беа задоволни од одлуките. Но тоа мораше така да биде за да не изгубиме уште една деценија и уште една генерација. Тие одлуки нè донесоа до потпишување на протоколот за членство во НАТО, што е огромно историско достигнување. Членството во НАТО не е важно само за нашата земја, туку и за зајакнување на безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа.

Предизвикот сега е како да се движиме напред во време на демографски и безбедносни предизвици и како да се интегрира Западниот Балкан во Унијата. Потенцијалната цена да нè оставите надвор е многу повисока, отколку да нè примите внатре. Дополнителни напори од двете страни се потребни за да се заврши процесот на интеграција, мисија што претстои да биде завршена“, заклучи вицепремиерот Османи.

- Реклама -