Треба да бидеме коректни и не треба да има реакција на изјавата на претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен, која нè нарече „северномакедонци“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг, во одговор на новинарско прашање.
Османи истакна дека Фон дер Лајен била коректна за време на целата прес-конференција во Скопје во однос на јазикот и другите идентитетски атрибути.
„Да имате фокус на претседател на Европска Комисија, на Влада на најголемата економија во светот… да доаѓа секој месец во една мала држава, нешто што го посакуваат големите држави во Европската Унија – да ја имаат Фон дер Лајен во нивните земји и да покаже таков интерес… Да има такви прес-конференции по однос на тоа што нас ни е важно, во однос на тоа дека јазикот станува еден од службените јазици, дека припаѓаме таму… и да направи еден лапсус – од тоа да создадете анимозитет кон тој интерес што го покажува, а не знам дали ќе го имаме постојано“, тоа не е коректно, смета Османи.
Според него, европските прашања се од голема важност и не смее да се дозволи, како што рече, поради наши меѓусебни динамики, да бидат злоупотребени. Во тој контекст, порача и дека мора да се направи општествен договор дека до 2030 година земјата ќе стане членка на ЕУ.
Извор: МИА