Осака и Нишикори ќе играат на тенискиот турнир на Олимписките игри


Јапонската тениска асоцијација потврди дека поранешниот женски светски рекет број еден Наоми Осака и финалистот на УС Опен од 2014 година Кеи Нишикори ќе играат на Олимписките игри во Париз, каде тениските натпревари ќе се играат на земјените терени на „Ролан Гарос“.

За 26-годишната четирикратна освојувачка на грен-слем титули, ова ќе биде втор настап на олимпискиот турнир, а дебитираше пред три години во Токио, каде беше и носител на олимпискиот оган.

За 34-годишниот Нишикори ова би требало да биде петти последователен настап на Олимпијада каде го постигна најголемиот успех освојувајќи го бронзениот медал во 2016 година во Рио де Жаниеро, кога во мечот за медал го победи Рафаел Надал.

И двајцата ќе настапат со заштитен ренкинг, бидејќи Осака беше надвор од терените поради бременост, па моментално е на 125. место на поединечната ВТА ранг листа, а Нишикори е моментално 286. на индивидуалната АТП ранг листа поради бројните повреди.

- Реклама -