Орбан: Унгарија мора по секоја цена да избегне учество во евентуална интервенција на НАТО во Украина

Унгарија мора по секоја цена да избегне учество во евентуална интервенција на НАТО во Украина, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за државното радио.

Орбан кажа дека Унгарија дури не треба ни да учествува во фазата на планирање, додавајќи дека постои ризик унгарските воени единици да бидат префрлени под команда на НАТО доколку започне мисијата на Алијансата во Украина и дека унгарската територија може да биде искористена за таа мисија, јавуваат унгарските медиуми.

-Ќе изгубиме витален дел од нашиот суверенитет доколку тоа се случи и нема да можеме да ги држиме унгарските трупи надвор од војната, рече Орбан.

Според него, „многу е блиску“ моментот кога Унгарија ќе се повлече од сите подготовки на НАТО за мисијата во Украина, но објасни дека за таков чекор прво мора да се разговара со сегашниот и идниот генерален секретар на НАТО.

Прочитајте и:  Писториус: Случувањата во Сирија ги покажаа ризиците за земјите кои се потпираат на Русија

-Мораме јасно да ставиме до знаење дека Унгарија има право да се придржува до основниот договор за НАТО што го потпишавме, рече Орбан и потсети дека договорот е дефиниран како одбранбен акт.

Унгарскиот премиер оцени дека Европа е „во состојба на воена психоза“, што логично може да резултира со пристигнување на западноевропски воени единици на територијата на Украина.

-Оние кои тврдат дека нема директна закана од ескалација на војната, ги мамат луѓето. Тие се обидуваат да ги замолчат политичарите кои се залагаат за мир, рече Орбан, наведувајќи ги како примери нападот врз словачкиот премиер Роберт Фиц и блокирањето на онлајн извештаите за Маршот на мирот што се одржа во Будимпешта минатата сабота.

Орбан истакна дека Русија „не е земја од трета класа“ и предупреди дека Европа е само „малку подалеку од точката од која нема враќање“.

- Реклама -