„Јас отсекогаш сум бил резервиран во изјавите и колку и да се трудат вашите медиуми, кои навистина се држат многу антибугарски, не можат да најдат нешто со коешто сум ги засегнал. А вашите функционери на различни нивоа, постојано ни упатуваат и некакви и лични оценки“, истакна Борисов на средбата со Бучковски, алудирајќи на „говорот на омраза“ кој, според официјална Софија, постои во Македонија кон нашиот источен сосед. „Што не е добре“, додаде Борисов.
„Не е добре“, се согласи и специјалниот претставник на Владата на РСМ. „Говорот на омразата мораме да го совладаме систематски, од двете страни. И ние тука правиме сериозни напори. Јас исклучително, уште еднаш ви повторувам, ја ценам Вашата улога. Ние ја почитуваме Бугарија, покрај вас, покрај министерот Захариева, покрај министерот Каракачанов, ќе одиме потоа и кај претседателот Радев, ќе одиме и кај лидерот на опозицијата. На сите ќе ви ја испратиме истата порака; дека очекуваме, пред сѐ од Вас, затоа што Вие имате симпатии во Македонија заради Вашиот умерен речник, што и денеска го демонстриравте. Јас никогаш не сум слушнал вие да имате некоја дума, како што велите вие, што би била протолкувана како повреда на нашите чувства, нашиот идентитет и нашето достоинство. И тука, со Вашиот внимателен пристап, мислам дека ја враќате довербата, што ни е многу важно во ова време“, рече Бучковски, додавајќи дека во Македонија на моменти знаеле да преовладаат емоциите.
„Има нервоза кај нас, има разочарување, мора да ви кажеме. Емоциите, на моменти, се посилни од разумот. И тоа вие го знаете, тоа е карактеристично за нас Балканците“, рече Бучковски, па побара разум. „Но да бидеме трезвени сега, да бидеме рационални. Ние сме многу напаѓани. Вие слушате што секој ден говори опозицијата. Еве затоа јас се радувам што јавно еве говориме пред камера, да се види дека нема тајни договори“, додаде тој. Со „балканскиот менталитет“ го објасни и чекањето „пет до дванаесет“, кога има повеќе време, во однос на реализирањето на одредени договорени точки, а во контекст на Договорот за добрососедство.
Темата за „говорот на омраза“, инаку, Борисов ја начна откако во текот на целиот разговор (барем не во видеото што го објави на Фејсбук) ниту еднаш не спомена дека, на пример, треба да признаеме бугарски корени на идентитетот или јазикот. Тоа го охрабри Бучковски, малку и со доза на иронија, да му посочи на Борисов дека според неговите умерени искажани ставови, уште истиот момент би можело да се потпише решение доколку и Заев би бил присутен. Борисов, меѓутоа, продолжи:
„И секогаш се истакнуваат вестите кои се најпикантни, најжолти, најштетни, како цитати. Запрете го. Многу е важно. Нас нѐ интересираат сегашните и идните генерации. Да не ја оставиме таа омраза и разочарување да продолжи да стои меѓу нашите две држави. Тоа нема да ни го простат, па ни следната историска комисија“, се пошегува Борисов.
„Не смееме да ја оставиме“, се согласи Бучковски, па премина во фалби на неверојатните постигнувања во однос на доближувањето на двете држави на двата премиери Заев и Борисов.