ОМО „Илинден“-Пирин: И нашиот клуб во Бугарија беше искршен, но никој не беше казнет

Во 2007 и 2008 година на два пати беше напаѓан клубот на ОМО „Илинден“ – Пирин во градот Гоце Делчев, Бугарија, но тогаш никој ништо не презема, реагираат од здружението на Македонците во Бугарија, правејќи споредба меѓу односот на на Бугарија наспроти односот на земјава кон инциденти од таква природа, а во контекст на палењето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, за кое денеска, како што се пофали министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, експресно беше фатен пејачот Ламбе Алабаковски, кој признал дека го предизвикал пожарот.

„Пред неколку дена беше запален влезот бугарскиот културен клуб ‘Ванчо Михајлов’ во Битола. Настанот беше одразен во медиумите, актот беше осуден од македонските власти на владино ниво, веднаш беше започната истрага и за само неколку дена осомничениот е уапсен и притворен.

Во 2007 и 2008 г. на два пати беше напаѓан клубот на ОМО ‘Илинден’ – ПИРИН во градот Гоце Делчев: скршени стакла, исцртани свастики и друго. Полицијата одби да започне истрага зашто штетата не била доволно голема, медиумите не соопштија за настанот, властите не го осудија вандализмот и, се разбира, никој не беше казнет“, се вели во реакцијата.

- Реклама -