Самото натпреварување на Олимписки Игри е доволно стресно искуство. А ако си во „оние денови“ од месецот? Сите знаат дека кога си жена, природата не бира и дека секој месец ќе те фрли во она лошо расположение и лоша форма, било да си студентка на економски или пливачка на ОИ.
Жените ретко ги коментираат деталите поврзани со нивното тело и со тоа го преземаат проблемот целосно на свој грб. Спортистките, пак, особено се сметани помалку или повеќе за „машини“ и невообичаено е за нив да се правдаат за резултатите со нивната женска природа.
***
Фу Јуанхуи е една од новите ѕвезди на пливањето од Кина и милениче на ОИ – заради бронзениот медал на 100 метри грбно, но и заради смешните фаци пред камерите, заради тоа што кога не плива изгледа како нерд, заради тоа што е симпатично смотана и не знаеше дека освоила медал, и најмногу од сé – заради тоа што се однесуваше многу слободно за целото време поминато во Рио, како едно големо дете.
https://youtu.be/RkebSHCtPb8
Фу дополнително ги освои симпатиите кога отворено прозборе за менструацијата, со што урна (или е на пат) едно големо табу во спортот.
Во неделата, Кинескињите пропуштија да освојат медал на штафетата 4х100 метри, завршувајќи на четвртото место. По трката, девојките од тимот одговараа на прашањата на еден кинески медиум. Но Фу како да не беше меѓу нив.
Таа се криеше зад параванот и доживуваше тешки менструални болки.
Новинарката ја забележа и ја праша дали е добро, а Фу одговори:
„Овој пат не пливав доволно добро. Вчера добив, денес се чувствував многу уморна. Но, тоа не може да биде оправдување, не пливав доволно добро, тоа е вистината“, рече таа извинувајќи им се на сопливачките.
Искрената изјава на младата пливачка предизвика апсолутен бум од коментари, главно кај Кинезите, од кои повеќето не беа дури не свесни дека може да се плива со добиено, бидејќи таму тампоните не се распространето санитарно средство. Таму се смета дека тампоните можат да „им наштетат“ на девиците, иако истражувањата го побиваат таквиот став.
„Вистински ѝ се восхитувам на Фу Јуанхуи што пливаше додека имала менструација. Циклусот може да има сериозно влијание врз состојбата на една жена, особено ако е болен. Таа се чувствува некако виновна што завршија четврти, но, Фу Јуанхуи, ние многу се гордееме со тебе!“, напиша еден од фановите.
Спортската аналитичарка Џорџи Брунвелс коментира дека во големиот спорт прашањето со женскиот менструален циклус всушност сé уште е табу тема.
„Многу од елитните тренери се мажи и тоа им отежнува на жените, кои не сакаат да се правдаат пред нив со својата ‘состојба’. Потребни се повеќе вакви случаи (како овој со Фу), за да се почне да се зборува на темата“.
Како што тврди Брунвелс, половина од натпреварувачките со кои разговарала на темата, признале дека менструалниот циклус им се одразува на резултатите.