Околу 1,2 милиони оброци ќе изедат 10.500 спортисти кои ќе се натпреваруваат на претстојните Олимписки игри во Лондон.
За тоа се потребни навистина огромни подготовки и намирници со тони и тони, а главната организациска улога и е доверена на шефицата на кетерингот на ОИ, Жан Метјуз.
„Храната ќе биде поделена на зони, Британија, Европа, Америка и Медитеранот, Азија и Африка. Специјалитети ќе се служат секој ден“ вели Метјуз.
Какви сè специјалитети, но и едноставни јадења ќе можат да се најдат на менито на спортистите, објаснува главниот готвач на ОИ во Лондон, Пол Дитон.
„Максимално се трудевме да има храна од сите подрачја на светот, од гулаш и компири, потоа свинско, италијански пасти и пици, салати, кинески и индиски јадења. Ќе има најразлични менија, морска и солена храна, без апсолутно никакви додатоци, речиси сè што може да се замисли и што беше наведено во барањата што ги добивме од олимписките комитети“ истакнува Дитон.
За сето ова да се подготви, ќе бидат потрошени повеќе од 330 тони зеленчук и овошје, 232 тони компири, 100 тони месо, 21 тони сирење, 19 тони јајца, 75.000 литри млеко и околу 25.000 векни леб.