Македонскиот кошаркарски интернационалец Перо Антиќ ја комплетираше одличната сезона во Олимпијакос со освојување на шампионската титула во Грција, откако во „мајсторката“ на домашен терен неговиот тим славеше против Панатинаикос со 82:76.
Со тоа тимот што го предводи Душан Ивковиќ ја потврди својата доминација оваа сезона, откако претходно ја освои и Евролигата со спектакуларниот триумф над ЦСКА Москва. Перо Антиќ на овој меч беше под своето ниво што се однесува до постигнатите кошеви и запиша само три поени за 17 минути игра.
Но, затоа расположен беше Василис Спанулис кој со 24 поени го декласира Панатинаикос, а во тоа му помогна и Принтезис кој уфрли 14 поени.
Кај Панатинаикос, најефикасен беше Калатес со 17 поени, пред Дијамантидис со 13 постигнати поени.
Олимпијакос по првите две четвртини обезбеди значајна предност од 12 поени разлика (48:36), во последните десет минути влезе со предност од 14 кошеви позитива, а иако Панатинаикос се обиде во завршницата, сепак не успеа да се врати во игра. Шампионската круна во грчкиот шампионат ја заслужи Олимпијакос, откако во финалната серија славеше со 3:2 во победи.
Објавено во соработка со Екипа.