Репрезентацијата на Нигерија го направи првото вистинско изненадување на квалификацискиот турнир за ЛОИ 2012 во Венецуела, совладувајќи ја фаворизираната селекција на Грција во трилер натпревар, во четвртфиналната пресметка, со 80:79.
Вистински шок доживеаја Грците кои откако по првото полувреме на дуелот имаа предност од 12 поени, веќе се видоа себеси во полуфиналето на предолимпискиот турнир, но така не мислеа и борбените Нигеријци кои до големата победа стигнаа на три секунди до крајот откако Дагундуро погоди две слободни фрлања.
А, јужните соседи одлично го почнаа дуелот, постојано одржувајќи предност која на крајот од вториот период достигна 12 поени (42:30). Третиот период ѝ припадна на репрезентацијата на Нигерија со шест поени, за потоа, во последните десет минути, храбрите Африканци водени од извонредниот Дагундуро, најпрво на 30 секунди пред крајот дојдат до водство од 78:76, а во драматичната завршница, откако Папаниколау погоди шут за три поени на 14 секунди до крајот, Дагандуро на три секунди со двете слободни фрлања ја потврди сензацијата.
Дагандуро постигна 14 поени кај победниците, додека Диогу запиша 17 поени. Кај Грците не помогнаа ниту 25-те поени на Спанулис и 18-те на Борусис.
Нигеријците во полуфиналниот дуел на патот кон Олимпијадата во Лондон ќе се сретнат со репрезентацијата на Русија.