Хрватскиот селектор Славен Билиќ има причини за загриженост, не само поради слабите настапи на неговите избраници на последните контролни средби, туку и поради повредата на Ивица Олиќ.
Еден од најискусните хрватски репрезентативци се повреди за време на последниот пријателски меч со Норвешка, поради што во 72. минута мораше да го напушти теренот. Никој во таборот на хрватскиот национален тим не сака да дава конкретни изјави, но „јавна тајна“ е дека повредата на овој одличен голгетер воопшто не е наивна и дека тој по сè изгледа ќе мора да отпадне од комбинација за настап на ЕП 2012.
Овој проверен напаѓач веќе го напуштил тренинг-кампот на „Коцкастите“ и заминал за Минхен, каде што ќе се сретне со лекарот Милер-Волфхарт, кој со години наназад се грижеше за неговото здравје во ситуациите кога беше повреден.
Олиќ е свесен дека има уште максимум две-три години од кариерата пред и официјално да му каже збогум на фудбалот, па не сака да ризикува да настапи повреден бидејќи евентуална компликација би можела дополнително да ја влоши неговата ситуација и да го забрза пензионирањето.
Токму поради ова, речиси сигурно е дека поранешниот член на Баерн Минхен (веќе потпиша договор за Волфсбург) нема да ризикува да игра повреден, туку средбите на ЕП 2012 ќе ги следи од трибините во Полска и Украина, или пак на ТВ во својот дом.
Во случај Олиќ дефинитивно да отпадне од комбинација, селекторот Билиќ на негово место ќе го повика Никола Калиниќ, поранешниот голгетер на Блекбурн што минатата сезона го носеше дресот на Дњипро.
Објавено во соработка со Екипа.