Саботното издание на Модниот викенд – Скопје го одбележа успешната ревија на дизајнерката Олгица Ѓоргиева која ја претстави колекцијата пролет/лето 2015 „Complete your puzzle”, поддржана од светскиот бренд за накит Оxette.
Колекцијата која креаторката ја создаваше за време на модната недела во Париз, е поделена во два дела, секојдневни парчиња кои лесно наоѓаат примена во дневните комбинации и поелегантни парчиња наменети за посебни пригоди.
“ Oваа колекција со себе носи секојдневни и елеганти парчиња кои лесно може секоја дама да ги комбинира за различни прилики. Во “Complete your puzzle” доминираат жолтата, сината, црната и белата боја, а во поглед на материјалите одлучив да работам со памук, свила, вискоза и тексас”, изјави Олгица Ѓоргиева.
Колекцијата е наменета за девојки-жени со смисла за естетика, елеганција и модерна нота. Секое парче зрачи со елеганција, минимализам, женственост. Ѓоргиева својата колекција ја опишува со неколку збора: безвременска, инспиративна, нежна и истовремено силна.
Љубителите на модните парчиња на ГО новата колекција веќе од денес може да ја погледнат и во ателјето на дизајнерката во строгиот центар на Скопје.