Оклахома поведе во НБА финалето (видео)

Оклахома Сити Тандер е тимот што поведе со 1:0 во големото НБА финале, откако „Громовите“ синоќа успеаја да слават со 105:94 во премиерниот дуел со Мајами Хит.

Клучен за успехот на овој меч беше супер ѕвездата на Оклахома, Кевин Дурент, којшто ја иницираше фантастичната серија во последната четвртина, во која Оклахома стигна до двоцифрена предност и лесен триумф.

Дурент постигна 17 од своите 36 поени токму во четвртиот период од мечот, а интересно е што Дурент заедно со Расел Вестбрук постигна повеќе поени од целиот тим на Мајами во второто полувреме (41:40).

„Мајами влезе одлично во мечот, добро ја движеше топката, гостите погодуваа шутеви. Ние само ја игравме нашата игра, знаевме дека ќе дојдат петте минути во коишто  ќе блеснеме. Ова е финале, тренерот цело време ни порачуваше да играме пожестоко, го сторивме токму тоа и победивме“ – изјави Дурент, кој ја доби првата пресметка со Леброн Џејмс.

{youtube}xv9m4ai72Io{/youtube}

Дурент имаше соодветна помош единствено од Расел Вестбрук, кој реализираше 27 поени, а интересно е што Мајами го загуби мечот иако одлично го запре Џејмс Харден, кој го заврши натпреварот со скромни пет поени.

На спротивната страна, Леброн Џејмс постигна 30 поени, најмногу за него на еден финален меч во кариерата, но супер ѕвездата на Мајами потфрли во последната четвртина, кога реализираше само еден шут во првите осум минути, кога впрочем и беше решен победникот на оваа средба.

Двејн Вејд реализираше 19 поени за „Жешките“, за коишто Батие беше стрелец на 17, а Крис Бош на скромни 10 поени.

„Тие се едноставно таков тим, напаѓаат во бранови цел натпревар, чекаат да се заморите за веднаш да направат серија. Овојпат славеа, но се надевам дека следниот меч ќе биде со поинаква завршница“ – изјави тренерот на Мајами, Ерик Сполстра.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -