ОИ кошаркари: Србија од минус 24 до победа по продолжението против Австралија

Aris MESSINIS / AFP / Profimedia


Кошаркарите на Србија ја надополнија негативата од 24 коша од втората четвртина од четвртфиналниот меч со Австралијците и по продолжението победија со 95:90 (17:31, 25:23, 25:11, 15:17, 13:8), со што станаа вториот полуфиналист на олимпискиот турнир во Париз.

Се играше изедначено во првите седум ипол минути, по што Австралија имаше предност од 19:17. Но, следеа четири минути шутерско „лудило“ на 35-годишниот Пети Милс, благодарение на што Австралија имаше серија од 20 поени на кои српските кошаркари немаа одговор. Милс постигна 16 од тие 20 поени, а Австралија водеше со 39:17 во 12. минута. Недолго потоа со „тројката“ на Дуоп Рет, репрезентацијата на Австралија дојде до најголемата предност плус 24 (44:20).

Во тој момент се чинеше дека Србија нема игра за да им одговори на расположените Австралијци, но кошарката уште еднаш го покажа своето променливо лице. Избраниците на Светислав Пешиќ го подигнаа нивото на агресивност во одбраната, што влијаеше на намалување на напаѓачката прецизност на нивните ривали. До крајот на полувремето Србија ја преполови негативата (42:54).

Во 24. минута, по уште еден кош на Милс, Австралија имаше девет поени предност (60:51), кога следеше триминутната серија од 10:0 на српската репрезентација за првото водство (61:60) по воведното од 7:6 во 4. минута. Србија во последните 10 минути влезе со два поена предност (67:65).

По нешто повеќе од една минута игра во четвртата четвртина, таа предност се зголеми на плус 6 (73:67). Иако нивната продуктивност во нападот значително опадна по првите 15 минути игра, Австралијците најдоа начин да ја спречат значајното резултатско одлепување на противникот и успеаја да го одржат чекорот со светските вицешампиони, кои во последната четвртина беа влечени од Василије Мициќ. Тој постигна 10 од 15-те поени на Србија, а на останатите асистираше. Но, за малку ќе станеше трагичар на дуелот кога погоди едно од двете слободни фрлања на девет секунди до крајот на регуларниот дел од натпреварот и донесе предност на Србија од два поена (82:80).

По тајм-аутот Австралијците ја препуштија својата судбина во рацете на Пети Милс, а нивниот капитен одговори на предизвикот. Остана сам против Никола Јокиќ, барајќи шут за победа, но не можеше да се ослободи на „тројка“, па се реши да продор. Ниту тоа не помина во првиот момент, па Милс мораше да шутира од пет метри за ирамнување и погоди, иако Јокиќ му беше на раката.

Она што беше Мициќ во последната четвртина, Никола Јокиќ стана во продолжението. Сѐ што направи српската репрезентација во дополнителните пет минути помина низ рацете на нивниот најдобар играч. Скокаше, асистираше, крадеше топки, а кога беше најпотребно – поентираше.

По размената на „тројки“ на Добриќ и Меквеј, и кошеви од рекетите на Реат и Богдановиќ, резултатот уште беше израмент. Џош Гиди погоди за три поена за водство на Австралија од 90:87 на половина од продолжението. Австралијците имаа напад за плус 5, но обидот на Гиди го блокираше Јокиќ, а Петрушев се избори и погоди две слободни фрлања за да ја започне серијата за својата репрезентација.

Србија повторно поведе на 1:07 пред крајот на продолжението, кога Јокиќ погоди на полухорок за 91:90. По уште едно промашување на Австралијците, топката повторно падна на Јокиќ, а тој ладно погоди „солза“ од четири метри од чекор назад за 93:90. Австралијците земаа тајм-аут, договорија акција, но идејата им пропадна на првото додавање, кога Петрушев ја украде топката пред Милс, а Богдановиќ ја запечати победата на 13 секунди пред крајот погодувајќи ги двете слободни фрлања за конечните 95:90.

Кај победниците Никола Јокиќ постигна 21 кош со 14 скока, девет асистенции и две блокади. Богдан Богдановиќ постигна 17 поени со шест асистенции и пет скока, а Василије Мициќ имаше 14 поени и шест асистенции.

Прв стрелец на Австралија беше Пети Милс со 26 поени. Џош Гиди постигна 25 поени со пет скока и четири асистенции.

Бронзените од Токио така останаа без борба за медал во Париз, а Србија во полуфиналето го чека подобриот од дуелот САД – Бразил.

Во првиот четвртфинален натпревар, актуелниот светски првак, репрезентацијата на Германија, ја совлада Грција со 76:63 и во полуфиналето го чека победникот од пресметката меѓу Франција и Канада.

- Реклама -