ОИ, кошарка: Американците освоија нов златен медал


Кошаркарите на Соединетите држави освоија нов олимписки златен медал, во финалниот меч Американците го победија домаќинот Франција со 98:87 (20:15, 29:26, 23:25, 26:21).

Кај Американците прв стрелец беше Стивен Кари со 24 поени, сите осум „тројки“, со пет асистенции. Леброн Џејмс постигна 14 со шест скока и десет асистенции. Кевин Дурент додаде 15 поени со четири скока и четири асистенции.

За Франција, Виктор Вембањама постигна 26 поени со седум скока, додека Гершон Јабуселе додаде 20 поени.

Американците на тој начин го освоија петтиот последователен златен медал на Олимписките игри, како и осмиот во последните девет финални натпревари. Единствени кои успеаја да го земат златото во тој период беа аргентинските кошаркари кои славеа во 2004 година во Атина.

На последните Игри во Токио, САД во финалето ја совладаа Франција со 87:82. Французите овојпат останаа на 11 поени зад Американците и го освоија четвртиот сребрен медал во историјата.

Американците подобро го отворија мечот. Водеа од почетокот и на крајот од првата четвртина имаа 20:15. На почетокот на втората четвртина Франција успеа да направи серија од 8:0 и да поведе со 25:24, што веднаш ја запали атмосферата во салата и ги разгоре надежите на домашните за голема победа над „Дрим тимот“.

Не требаше да се чека долго на одговорот на Американците, кои брзо ја вратија предноста и поведоа со 37:31. Американските НБА ѕвезди потоа одржуваа предност која честопати беше двоцифрена во текот на третиот период, но нов француски „брејк“ дојде на крајот од третата четвртина кога домаќините се доближија на негатива од шест поени, 66:72.

Напаѓачките блесоци на Французите беа краткотрајни, а треба да се каже и дека Американците главно го одиграа целиот натпревар многу одговорно и агресивно во одбраната. На крајот, САД и натаму ги држеа Французите на пристојна резултатска дистанца, но на три минути до крајот се појави надеж за домаќините. Вембањама постигна кош за 79:82. Следеше „тројка“ на Кари, две погодени слободни фрлања на Дурент и новите – шеста, седма и осма „тројка“ на Карџи, со што беше потврден американскиот златен медал.

Претходно во саботата бронзениот медал го освои Србија, која во мечот за третото место ја совлада Германија, актуелниот светски првак со 93:83.

- Реклама -