Охрид го задржа статусот на светско наследство, но само привремено – за властите тоа е признание од УНЕСКО, но и последно предупредување

Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО денеска го прифати амандманот на БиХ, со кој Македонија и Албанија добија уште една шанса, односно дополнителен рок од две години за имплементација на препораките на Реактивните мисии на организацијата. Со тоа, охридскиот регион го задржа статусот на светско природно и културно наследство.

Со ваквата одлука, Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.

Министерот за животна средина и просторно планирање – Насер Нуредини, во име на Владата, се заблагодари на Комитетот на УНЕСКО за тоа што „ги препознал напорите“ на властите и што одобри дополнителен период за завршување на, како што рече, започнатите чекори и целосно исполнување на добиените препораки. Посебна благодарност Нуредини упати до Босна и Херцеговина и Руската федерација за поддршката во овие заложби, а се заблагодари и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија. Благодарност за „континуираните пријателски совети и поддршка“ упати и до Австралија и Норвешка.

Изразувајќи задоволство што Охридското Езеро и регионот ќе го задржат својот статус и ќе добијат време за „комплетирање на заштитата“, Нуредини посочи и дека одлуката значи и дополнителна одговорност, затоа што, како што истакна сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации, сега е време за здружено да се работи на тоа да се осигураме дека во иднина да не се најдеме во слична ситуација.

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО – Ирена Стефоска, пак, алудирајќи дека заштитата на природното и културното наследство е задача на сите, вклучително и граѓаните, оцени дека „ако Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“. Како што истакна, одлуката на УНЕСКО е „последен аларм“ за интензивирање на активностите на сите засегнати страни во насока на заштита на Охридскиот регион.

Покрај засилената конкретна соработка со Албанија, Стефоска истакна дека во претстојниот период ќе се засили и соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со ЕУ и другите стратешки партнери.

Премиерот Зоран Заев, одлуката на Комитетот на УНЕСКО Охридскиот регион да не биде впишан на листата на светско наследство во опасност, ја оцени како признание за напредокот во зачувувањето на вредностите на овој регион, но истовремено и како „најсилно предупредување“ дека, како што рече, сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство.

Ветувајќи, како и Стефоска, засилена соработка со наведените институции и организации, Заев порача дека Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, власта ќе продолжи да работиме посветено во таа насока.

„Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион, го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото“, порача премиерот.

- Реклама -