Огнометот е супер, огнометот е забавен, огнометот е спектакл што автоматски ги исполнува луѓето со радост. Денес САД го слават Денот на независноста – ден што е синоним за многу огномет.
Во очи на празникот, истражувачите од американската National Oceanic and Atmospheric Administration, објавија студија што покажува дека, настрана ризикот од повреди и пожари, огнометот носи со себе и една скриена опасност што демне во воздухот дури и откако шоуто ќе заврши.
Имено, истражувањето покажува дека бројот на штетни честици во воздухот се зголемува дури за 42% проценти на целата територија на САД, во периодот помеѓу вечерта на 4-ти јули и утрото на 5-ти. Мерењата направени непосредно во областите каде што се приредува огномет покажуваат раст и од 370%.
Честиците што истражувачите ги земале во предвид се оние со пресек помал од 2.5 микрометри (1/30 од дебелината на човечко влакно). Овие честици се ризични по човековото здравје бидејќи се доволно ситни за да се „залепат“ на белите дробови. Кога веќе ќе се најдат таму, тие можат да ги оштетат не само белите дробови, туку и крвните садови и срцето, особено ако човекот е долго изложен на нив, како што е случај во индустриските области и областите со многу смог и висока загаденост на воздухот.
Па така, многу огномет несомнено значи и многу загаденост. Луѓето со респираторни болести треба да бидат внимателни кога присуствуваат на вакви настани и по можност да застанат на место од каде што ветерот ќе ги оддува честиците во спротивна насока. За останатите, кратката изложеност на остатоците од огнометот не би требало да претставува проблем.