Официјална реакција од Бугарија за пописот, се сомневаат дека меѓу непопишаните 130 илјади има и Бугари

Софија, 1 април 2022 (МИА) – „Со големо изненадување ги прифаќаме објавените податоци за бројот на граѓани во Република Северна Македонија, кои на Пописот се самоидентификувале како Бугари“, соопшти бугарското Министерството за надворешни работи.

„Ја забележуваме драстичната неусогласеност меѓу овие податоци и податоците за бројката од над 100.000 граѓани на Република Северна Македонија кои лично поднеле документи со кои се докажува бугарско потекло и самосвест за добивање бугарско државјанство“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Според Министерството, „предмет на сериозна анализа“ е фактот што не се преброени 7.2 отсто од граѓаните во земјава, за кои податоците се обезбедени преку соодветни бази на податоци „без да може да се утврди нивната етничка или верска припадност“.

Софија забележува и дека нема информации колкав е бројот на државјани на земјава со бугарско национално чувство кои се попишани меѓу нерезидентното население.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Со особено внимание ги имаме предвид сомнежите искажани околу транспарентноста и кредибилитетот на процесот наведени од организациите на Бугарите во Северна Македонија, како за време на пописот, така и при објавувањето на резултатите. Очекуваме нивниот глас да го слушнат и властите во Северна Македонија“, соопшти бугарското МНР.

Министерството посочува и дека Бугарија во повеќе наврати истакна дека од огромно значење е создавањето услови за слободно самоидентификување на граѓаните со бугарско национално чувство во земјава и гарантирање на нивните права.

Според податоците од Пописот објавени во средата, како Бугари се изјасниле 3504 лица, што претставува 0.19 отсто од резистентното население.

- Реклама -