Одбојко, среќен ти 111-ти роденден

На 8 февруари 1895, нешто меѓу Кресненското и Илинденското востание, Вилијам Г. Морган ја измисли одбојката. Типов всушност дипломирал на колеџот во Спрингфилд каде се запознава со дечкото што ја измислил пак кошарката, 4 години претходно, Џејмс Наисмит. По некое време се вработува во Холиоки, Масачусец каде се вработува како директор по физичко воспитување и добива инспирација да измисли нов спорт кој најпрвин го нарекува Минтонет (Mintonette).

odbojak3

Опишувајќи ги своите први експерименти, Морган рекол:

“Во потрага по соодветна игра, прво тенисот ми падна на памет, ама за него ни се потребни топчиња, рекети, мрежа и друга опрема, па се откажав, но идејата за мрежа ми чинеше погодна. Подигнавме мрежа на висина од 1,98 m, над главата на еден просечен маж. Ни требаше и топка. Прво ми падна на памет кошаркарската, но таа е преголема и претешка.’’

odbojka1

На крајот, Морган ја замолил фирмата A.G. Spalding & Bros да направи соодветна топка, што и било направено. Резултатот бил кожна топка со пречник од 65 cm и тежина од 300 g. Потоа, Морган, со уште двајца пријатели, ги пишува првите правила на одбојката. Во почетокот на 1896 г., во Спрингфилд на YMCA Колеџот, била организирана конференција на која што се собрале сите директори за физичко воспитување на YMCA. На таа конференција, Морган за прв пат ја демонстрирал новосоздадената игра. Составил две екипи од по пет играчи којшто пред самата конференција одиграле “Мintonette’’. Морган им објаснил на присутните дека играта е предвидена за сала, но може да се игра и на отворено. Во играта можело да учествуваат неограничен број играчи,а главната цел била да се одржува топката во воздухот, над мрежата, од едната страна на другата.

odbojka2

Играта била одлично прифатена уште на самата конференција освен што името ѝ било променето во “одбојка“. Интересно е тоа што во текот на годините името не се менувало, освен што во 1952. година почнало да се пишува поинаку. Морган работел на правилата на игра и во 1897. година бил издаден и првиот прирачник со главните податоци за играта и како додаток биле издадени и првите правила на одбојката.

Одбојката на почетокот се ширела низ САД во универзитетите за да во 1900. година се појави и во Канада, со што Канада станала првата странска земја во која почнало да се игра одбојка. Потоа, почнува да се шири на сите страни на светот.

Во 1918. година, правилата биле сменети. Бројот на играши бил ограничен на шест и било договорено дека дозволениот број на одбивање на топката е три пати.

Во април, 1947. година е основана Меѓународната одбојкарска федерација FIVB во Париз со цел за промоција на овој спорт во светот, создавање заеднички правила на игра, организирање меѓународни турнири, односно сместување на одбојката во програмата на Олимписките игри. FIVB првенствено вклучувала 14 држави-членки, а денес вклучува 218 што ја прави најголем спортски сојуз на светот.

Во 1948. година во Рим било одржано првото Европско првенство во одбојка.

Во 1949. година во Прага било одржано првото Светско првенство во одбојка.

Во 1952. година во Москва било одржано првото Светско првенство за жени.

- Реклама -