Одбиено барање и препукувања меѓу Филипче и ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата сепак ќе направи кворум за мерките на КЗБ

„Од она што можеме да го видиме од дадениот предлог закон (за Заштита на населението од заразни болести) гледаме дека овој закон нема конкретни мерки за борба против пандемијата, во овој закон нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите кои што вршат КОВИД тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту има мерка за пошироко тестирање по однос на бројка во позагрозените општини како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови. Затоа сметаме дека овој закон е повеќе техничка измена и дополнување наместо да биде закон во кој што би имало суштински мерки за борба и справување против пандемијата“, соопшти денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, на партиска прес-конференција, додавајќи дека вчерашното одложување на разгледувањето на законот во Собранието е резултат на нивниот став дека сепак бил потребен најмалку еден ден за да се прочита предлог-законот.

Милошоски, на прес-конференцијата, истакна и дека според ВМРО-ДПМНЕ, до ова ниво на загрозеност од пандемијата – каде Македонија за жал има една од најголемите стапки на смртност по однос на милион жители во Европа, е дојдено и поради несоодветните мерки и слабата доверба која што Комисијата на министерот за здравство ја има кај јавноста.

„Сметаме дека оваа комисија која што уште пред изборите почна да ги политизира мерките, а во последно време видовме дека беше и пасивна кога некои ресторани, дискотеки во Скопје и во Струмица блиски до семејството на власт правеа концерти, забави, журки и тогаш не се реагираше соодветно носи дел од одговорноста за оваа загрижувачка состојба со пандемијата со КОВИД“, рече тој.

Притоа, Милошоски информираше дека министерот Венко Филипче, на вчерашната средба со професорот Вело Марковски како стручен претставник на ВМРО-ДПМНЕ, го одбил нивниот предлог за формирање на Специјална државна комисија за справување со епидемии и пандемии. Како што објасни тој одговарајќи на новинарско прашање, разликата од постоечката Комисија за заразни болести до онаа што ја предлага опозицијата е тоа што првата е советодавна и нејзините препораки не се задолжителни, а предложената од ВМРО-ДПМНЕ би била државна комисија чии мерки би биле задолжителни, со што мерките би биле покредибилни, но и самата комисија не би можела да биде политизирана.

„На наше разочарување, оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство. Очигледно е дека министерот за здравство, за разлика од мнозинството во јавноста, сѐ уште има блиска доверба во неговата советодавна Комисија за КОВИД што ја предводи докторот Караџовски, за која Комисија ние сметаме дека носи дел од одговорноста за многу ненавремени или за многу несоодветно преземање на мерки изминативе пет месеци. Затоа сметаме дека Македонија мора да реагира посериозно, мора некој за сегашната ситуација да понесе одговорност и мора постручни лица да ги заземат местата на оние членови на Комисијата кои одеа на концертот на Владо Георгиев во дискотеката ‘Мош’. Не може таков здравствен работник и член на Комисијата да влева доверба кај населението и да наложува мерки, а истиот не ги почитува… Затоа сметаме дека министерот треба уште еднаш да размисли зошто се одбива ваква една иницијатива за формирање на специјална државна комисија за справување со КОВИД пандемијата која што би ја предложила Владата, а би ја изгласало Собранието“, рече Милошоски.

Министерот Филипче, во меѓувреме, уште еднаш реагираше преку Фејсбук со критики до опозицијата и апел веднаш да се вразумат:

„Најостро реагирам на повторниот обид на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести и новите мерки за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението“, пишува тој.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Според него, од почетокот на пандемијата опозицијата со ништо не придонела освен што одмагала со неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата:

„Имено, токму заменичката министерка за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го одолговлекуваше и воопшто не го ни потпиша заемот од Светска Банка и со тоа практично го запре процесот на спроведување на проектот за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од ковид-19. Заемот беше наменет за поддршка на здравствениот систем и подготовка на дополнителни болнички капацитети за есенскиот бран, кој ние го најавивме, а сега и се соочуваме со истиот“.

Министерот обвини дека последно нешто на што ВМРО-ДПМНЕ е здравјето на граѓаните, а наместо тоа приоритет им е дискредитирање на Комисијата за заразни болести преку омаловажување на експертизата на нејзините членови и нивниот труд во справувањето со кризата. Потегот околу измените на Законот за заштита на населението од заразни болести го посочи како уште една од низата постапки со кои ја потврдуваат нивната деструктивна политика:

„Барањето за формирање на нова Комисија која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и истото е целосно неиздржано. Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните.

Уште еднаш повикувам на разум и одговорност, јавното здравје е над партиските интереси. Вирусот не чека, мерките мора да се донесат во најкус можен рок“, порача Филипче.

На прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, Милошоски посочи дека опозицијата сепак ќе овозможи да поминат измените на законот, иако нивниот предлог бил одбиен:

„Ние како партија забележуваме дека на власта често ѝ треба изговор и кривец. До пред 3-4 месеци се вадеа со паролата Наќе е крив, потоа кога Наќе веќе не беше министер, народот е крив, а сега ќе бараат кривец во опозицијата или во некои други структури, само не во власта. Затоа, за да не им послужи како изговор тоа што законот кој го предлагаат има недостиг од суштински мерки за борба против пандемијата и да не почнат со спинови за тоа кој е виновен за слабото работење на Комисијата на министерот за здравство, ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта уште во текот на денешниов ден да закаже собраниска седница. Знаеме дека немаат кворум, но ние ќе бидеме коректни, ќе го направиме кворумот на собраниската седница. Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог закон да помине. Но, предупредуваме уште еднаш, ваков каков што е не очекуваме да донесе преголеми резултати, бидејќи во законот недостигаат суштински мерки за борба против пандемијата“, рече Милошоски.

„Веќе споменав, наш – не услов, туку суштински предлог, е идејата да се формира специјална комисија за борба против пандемијата. Но иако не е прифатен овој предлог, ние како опозиција ја повикуваме власта уште денес да закаже собраниска седница и ќе овозможиме овој закон да помине со гласовите на собраниското мнозинство и со присуството на пратениците од опозицијата. Иако сметаме дека во законот има технички дополнувања кои даваат надлежности на инспекторати, но недостигаат суштински мерки кои што се однесуваат на борбата против пандемијата“, повтори Милошоски одговарајќи на новинарско прашање.

- Реклама -