Бројките на новозаразени со ковид се намалуваат и епидемиолошката крива е во опаѓање, а тоа се гледа и од денешната бројка од помалку од 100 новозаразени, но и се чувствува во самите болници насекаде низ државата, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Секаде каде што беа прилично полни капацитетите, сега има тренд на зголемување на бројот на испишани пациенти за сметка на новохоспитализираните, а со намалување на притисокот врз болниците во внатрешноста, се намалува и притисокот врз скопските болници, поради намалување на бројот на пациенти што се префрлаат во ковид-центрите во главниот град, додаде министерот.
Како што истакна Филипче, за разлика од почетокот на април, кога највисоката бројка изнесуваше околу 200 приеми во болниците за 24 часа, во последното деноноќие таа бројка изнесувала 69. Намалување има и во вкупниот број на хоспитализирани пациенти од ковид во болниците – ако највисоката бројка изнесуваше 1.789, сега таа изнесува околу 1.400 хоспитализирани.
Според Филипче, вакцинацијата на територијата на целата држава се одвива без проблем и со добро темпо. Во СЦ „Борис Трајковски“, посочи тој, во тек е ревакцинација на првата група вработени во критичната инфраструктура, а комплетно се подготвени и спортските сали за масовна вакцинација во Охрид и во Штип. Денеска, додаде Филипче, завршува подготовката на салата во Битола, а во Кавадарци, Тетово и Куманово ќе бидат завршени до крајот на оваа недела, по што ќе следува и масовна имунизација со кинеските вакцини кои треба да пристигнат по Велигден.
Врз основа на ваквата епидемиолошка слика во државата, Филипче информираше за заклучоците на Кризниот штаб околу рестриктивните мерки во претстојниот период. Како што соопшти министерот, од Владата ќе биде побарано од среда да се отворат летните тераси во сите угостителски објекти, како и да се скрати времетраењето на полицискиот час – односно рестрикцијата на движењето да почнува од 21 часот (а да трае до 5 часот наутро, како и досега.
Како што потенцираше Филипче, исклучок ќе биде вечерта на 1 кон 2 мај, односно за празникот Велигден, како и вечерта на 12 кон 13 мај, кога муслиманите слават Рамазан Бајрам. На овие денови ќе нема полициски час, додека угостителските објекти ќе работат со истото работно време како и дотогаш (до 20, 20:30 часот).
Оправданоста на ваквата мерка, Филипче ја образложи, меѓу другото, и со фактот дека верските лидери се согласиле сите верски обреди да ги организираат надвор од верските објекти. Истовремено, министерот посочи дека и овојпат, со ова олабавување на мерките, голем дел од одговорноста паѓа на граѓаните, без која, како што потенцираше, ниту една рестрикција не може да даде резултат сама по себе.